Овој древен предок, кој живеел пред околу 4.2 милијарди години, според истражувањата бил значително посложен од тоа што се мислело претходно – со развиен метаболизам и примитивен имунолошки систем.
LUCA не бил само обична клетка, туку организам со геном од приближно 2.5 мегабази што кодирал околу 2600 протеини – слично на денешните прокариоти. Овие карактеристики укажуваат дека животот на Земјата започнал релативно рано и веднаш бил способен за комплексни биолошки процеси. Исто така, LUCA имал патишта за синтеза на енергија и способност да преживува во анаеробни (без кислород) услови.
Посебно е интересно што се откриени гени слични на CRISPR системот – заштитен механизам против вируси, што значи дека LUCA веќе водел биолошка „војна“ со микроорганизми. Присуството на гени за поправка на штетите од УВ-зрачење сугерира дека можел да живее блиску до површината на водата, во контакт со сончевата светлина, што е спротивно на досегашната теорија дека животот потекнал длабоко под океаните.
Овие откритија значително ја менуваат перцепцијата за тоа како започнал животот на Земјата, но и отвораат нови можности во потрагата по живот надвор од неа. Ако ваков сложен организам можел да се појави толку рано во историјата на планетата, можеби животот и во вселената не е толку редок како што се мислеше.