Европратеникот Томас Вајц денеска пред Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (АФЕТ) ќе го презентира годишниот нацрт-извештај за напредокот на Македонија во процесот на пристапување кон Европска Унија.
Во документот се нагласува дека е потребна итна и засилена политичка волја за надминување на застојот околу уставните измени. Се посочува дека процесот на пристапување и понатаму ќе остане заснован на заслуги и директно поврзан со напредокот во фундаменталните принципи, особено владеењето на правото.
Во нацрт-извештајот се повикува Европски совет јавно и недвосмислено да сигнализира подготвеност за брза и безусловна позитивна одлука за премин во следната фаза од преговорите, откако ќе бидат исполнети условите утврдени во заклучоците од 18 јули 2022 година. Истовремено се зема предвид и Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Македонија од 2017 година, во контекст на билатералните односи и можните блокади.
Вајц оценува дека, и покрај одредени позитивни случувања, напредокот во реформската агенда поврзана со ЕУ во клучните области како владеењето на правото, судските реформи и борбата против корупцијата останува недоволен. Тој истакнува дека унапредувањето на владеењето на правото не е само предуслов за приближување кон членството во ЕУ, туку и суштински фактор за зајакнување на демократските институции и враќање на јавната доверба.
Во извештајот се изразува загриженост поради недоволниот напредок во спречувањето и борбата против корупцијата, како и поради состојбата со независноста на судството. Дополнително, се нотира концентрацијата на сопственост во медиумите и се предупредува на дезинформациски кампањи што ги доведуваат во прашање демократските вредности и европската перспектива на земјата.
Позитивно се оценува напредокот во реализацијата на Коридорите 8 и 10 од Трансевропската транспортна мрежа, но се посочува дека се потребни дополнителни инвестиции во транспортната и енергетската инфраструктура, како и во законодавството за животна средина. Се нагласува и важноста од доследна соработка со соседните земји со цел зајакнување на регионалната стабилност и меѓусебната доверба.
Нацрт-извештајот ќе биде основа за понатамошни преговори и амандмани пред финалното усвојување од страна на Европскиот парламент.