Денес, на скверот кај Ким на булевар „Партизански одреди“, скопјани ќе се сретнат со нова урбана уметничка инсталација насловена „Измери пред да кажеш или напишеш“ која се однесува на сè поприсутниот проблем на говорот на омраза и неговото мешање со поимот слобода на говор.
„Акцијата произлегува од потребата да се укаже на опасната пракса каде слободата на говор се сфаќа како неограничена и често се злоупотребува за ширење навредливи, дискриминаторски и пораки полни омраза – понекогаш и ненамерно. Со растот на присуството на социјалните мрежи, говорот на омраза кај дел од граѓаните сè почесто се поистоветува со слободата на говор, што создава сериозни општествени последици“ велат иницијаторите.
Инсталацијата се состои од голема вага, инспирирана од вагата на Јустиција, поставена во состојба на рамнотежа. На едниот тас стои натписот „Слобода на говорот“, а на другиот „Говор на омраза“, испишани на македонски и албански јазик. Балансот помеѓу двата таса ја симболизира тенката линија и потребата од постојано одмерување помеѓу правото на слободно изразување и одговорноста за зборовите што ги користиме.
Преку оваа визуелно упадлива и едноставна форма, акцијата има за цел да ги поттикне граѓаните да размислат пред да кажат или напишат нешто и да не ја користат слободата на говор како оправдување за ширење омраза.
Инсталацијата е со димензии 2 × 2 метри и е изработена од дрво и метални елементи.
Оваа акција е подготвена од Центарот за современи уметности – Скопје во рамките на проектот Мрежа за разновидност 2.0 – Нова агенда што го спроведува Здружението за унапредување на новинарските практики „Иновативни медиуми – Скопје.”
