Од печат излегоа мемоарите „Се викам Селма“ од холандско-британската новинарка и преживеана Еврејка во холокаустот, Селма ван де Пере, во издание на „Македоника литера“. Книгата од англиски на македонски јазик ја преведе Елена Саздовска.
– „Се викам Селма“ е неверојатна мемоарска книга на една Еврејка, жена борец на Отпорот во Холандија, која преживеала нацистички кампови и логори. Кога избувнала Втората светска војна имала само 17 години. Тоа што била Еврејка дотогаш не играло никаква улога во нејзиниот живот, но наеднаш станало прашање за живот и смрт. Користела лажен идентитет и ги преживеала воените ужаси и мачеништвата во логорите. За тоа време никој не знаел дека е Еврејка и никој не ѝ го знаел вистинското име. Дури по војната се осмелила повторно да каже: Се викам Селма – велат издавачите.
Селма ван де Пере (1922 г.) била припадник на „Групата ТД“ на холандскиот отпор за време на војната. Набргу по војната се преселила во Англија, каде што работела за Би-би-си и го запознала идниот сопруг, белгискиот новинар Хуго ван де Пере. Потоа повеќе години работела како странски дописник за една холандска телевизија. Во 1983 година била одликувана со Комеморативниот крст на холандскиот отпор, а во 2021 година со орденот Оранж-Насау од холандската влада. Од 1995 година, Ван де Пер секоја година оди во Равенсбрик една недела за да разговара за војната со холандските и германските студенти.
На повик на децата на нејзините браќа, почнала да ја пишува својата автобиографија „Се викам Селма“ во 2003 година, а која првпат истовремено, во 2020 година, беше публикувана во Амстердам и во Лондон. Живее во Лондон и на својата 101-годишна возраст сè уште е присутна на медиумски и јавни настани.