Утврдено потеклото на Колумбо

Морепловецот и истражувач од 15 век Кристофер Колумбо бил сефардски Евреин од Западна Европа, рекоа шпанските научници откако ја анализираа неговата ДНК за да ја решат вековната мистерија за неговото потекло.
Фото: David Berkowitz/Flickr

Неколку земји го оспоруваа потеклото на Колумбо, како и местото каде што бил погребан, при што многу историчари ја доведуваат во прашање традиционалната теорија дека тој бил од италијанскиот град Џенова, објави Ројтерс.

Со цел да се реши мистеријата, тим истражувачи направиле истражување кое траело дури 22 години, предводено од шпанскиот форензичар Мигел Љоренте.

Тие ги споредиле остатоците од генетскиот материјал со ДНК на неговите роднини и потомци, а нивните наоди ги објавиле во документарен филм со наслов „Колумбо ДНК: Вистинското потекло“, кој беше прикажан на шпанскиот јавен сервис ТВЕ.

Сите наоди го потврдија еврејското потекло на големиот морепловец кој ја откри Америка, истакнаа експертите на чело со Љоренте.

Околу 300.000 Евреи живееле во Шпанија пред католичките монарси Изабела и Фердинанд да им наредат на нив и на муслиманите да преминат во католичка вера или да ја напуштат земјата, потсетува Ројтерс.

После тоа, многу шпански Евреи се преселиле низ светот.

Тимот на истражувачи утврдил дека е можно со сигурност да се каже дека Колумбо е роден во Западна Европа, откако анализирале 25 можни места на неговото раѓање.

Пред неколку дена форензичарите од Универзитетот во Гранада дефинитивно потврдија дека посмртните останки закопани во катедралата во Севиља му припаѓаат на Колумбо.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни