Начинот на кој го започнуваме денот може значително да влијае врз нашето здравје, расположение и концентрација. Според експертите, првите 60 до 90 минути по будењето се клучни за функционирањето на мозокот во текот на денот, но многу луѓе несвесно создаваат навики кои му штетат на организмот.
Една од најчестите утрински навики е проверувањето на мобилниот телефон веднаш по будењето. Стручњаците предупредуваат дека тоа може да го наруши природниот пораст на кортизолот – хормон кој му помага на телото да се разбуди и да се подготви за денот. Докторката Патриша Шмит објаснува дека изложувањето на пораки, вести и социјални мрежи во овој чувствителен период може да внесе дополнителен стрес и да го наруши природниот ритам на телото. Наместо тоа, се препорачува да се почека најмалку 45 минути пред користење на мобилен телефон.
Природната светлина исто така игра важна улога во регулирањето на биолошкиот часовник. Кога утринската светлина ќе стигне до очите, таа поттикнува процеси кои ја зголемуваат будноста, го подобруваат расположението и придонесуваат за подобар сон навечер. Недостатокот на светлина може да предизвика чувство на замор во текот на денот и нарушен сон. Затоа се препорачува изложување на природна светлина во првите 30 минути по будењето, барем десет минути дневно.
Некои луѓе веднаш започнуваат со интензивна работа, користејќи го утринскиот мир за продуктивност. Сепак, мозокот во тој момент сè уште се наоѓа во состојба на поспаност, при што способноста за размислување и донесување одлуки е намалена. Експертите советуваат прво да му се даде време на телото да се разбуди (со светлина, лесно движење и без екран) а потоа да се започне со покомплексни задачи.
Слатките појадоци се уште една навика која може да има негативно влијание. Големото количество шеќер предизвикува брз пораст на шеќерот во крвта, по што следува нагол пад неколку часа подоцна. Тоа може да доведе до намалена концентрација и пад на енергијата. Затоа експертите препорачуваат појадок богат со протеини, кој обезбедува постабилно ниво на енергија и подолго чувство на ситост.
По неколку часа сон без внес на течности, телото е благо дехидрирано. Дури и мала дехидрација може негативно да влијае врз расположението и менталните способности. Затоа се препорачува веднаш по будењето да се испие чаша вода од околу 250 до 350 милилитри за да се надомести изгубената течност.