Најдобриот српски тенисер Новак Ѓоковиќ по 20-ти пат ќе учествува на Вимблдон, каде што ќе се обиде да стигне до својата 25. гренд-слем титула во кариерата. Ѓоковиќ досега седум пати го има освоено турнирот во Лондон – во 2011, 2014, 2015, 2018, 2019, 2021 и 2022 година – и има шанса да дојде и до својот 101. ATP трофеј.
Во првото коло, во вторник, Ѓоковиќ ќе се соочи со Французинот Александар Милер, 40-ти на ATP листата. Победникот од тој меч ќе игра во второто коло против подобриот од дуелот меѓу Британците Даниел Еванс и Џеј Кларк.
Покрај Ѓоковиќ, Србија ќе ја претставуваат уште и:
- Душан Лајовиќ, кој утре од 15:30 часот ќе игра против Британецот Били Харис
- Ласло Ѓере, кој во исто време ќе се соочи со Русинот Андреј Рубљов
- Хамад Меџедовиќ, кој во вторник ќе игра со Австриецот Себастијан Офнер
- Миомир Кецмановиќ, кој исто така во вторник ќе игра против Американецот Алекс Микелсен
Титулата во машка конкуренција ја брани шпанскиот тенисер Карлос Алкараз, кој минатата година го совлада Ѓоковиќ во финалето со 6:2, 6:2, 7:6 (7:4). Алкараз утре од 14:30 часот на Централниот терен ќе игра против Италијанецот Фабио Фоњини.
Првиот рекет на светот, Италијанецот Јаник Синер, својот прв меч ќе го одигра во вторник, против сонародникот Лука Нарди.
Во женска конкуренција, Србија ќе ја претставуваат Олга Даниловиќ и Нина Стојановиќ. Даниловиќ утре околу 14 часот ќе се соочи со Кинескињата Шуaи Женг, а Стојановиќ во вторник ќе игра против Русинката Ана Калинскаја.
Бранителка на титулата е Чешката тенисерка Барбора Крејчикова, која минатата година ја победи Италијанката Јасмин Паолини со 6:2, 2:6, 6:4.
Најдобрата светска тенисерка, Белорусинката Арина Сабаленка, во првото коло ќе игра против Канаѓанката Карсон Бранстин, додека Американката Коко Гоф ќе се сретне со Украинката Дајана Јастремска.
Наградниот фонд на Вимблдон оваа година изнесува 53,5 милиони фунти, а победниците во машка и женска сингл конкуренција ќе добијат по 3 милиони фунти.
Турнирот ќе се игра од 30 јуни до 13 јули.