Утре почнува со работа фондацијата ,,Фросина Кулакова”

Донаторската вечер „Threads of Light” ја користи уметноста како начин да се поврзат личната емоција и јавната одговорност

Донаторската вечер насловена „Threads of Light”, утре (29 јануари), во ресторан Везилка со почеток во 19 часот, официјално ќе го одбележи почетокот на работата на Фондацијата „Фросина Кулакова”. Вечерта ќе биде посветена на уметноста, креативноста и солидарноста како универзални јазици преку кои може да се зборува за животот, одговорноста и потребата од подлабока општествена промена.

Настанот ќе ги обедини уметниците, културната јавност и граѓаните околу една заедничка идеја – дека уметноста не е само естетика, туку и моќен простор за сеќавање, дијалог и општествена свест. Во рамки на вечерта ќе бидат изложени и ставени на хуманитарна аукција дела од македонски уметници и креативци од различни области – од сликарство и скулптура, до дизајн, мода и применета уметност – создавајќи една жива, разновидна и симболична мапа на современата креативна сцена.

Донаторската вечер „Threads of Light” ја користи уметноста како начин да се поврзат личната емоција и јавната одговорност, а секое дело што ќе биде дел од аукцијата носи сопствена приказна и сопствен придонес кон една поголема, заедничка цел. 

Средствата собрани од донаторската вечер ќе бидат наменети за развој на програмите на Фондацијата, меѓу кои централно место имаат обезбедувањето психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, како и формирањето фонд за стипендирање на млади талентирани уметници кои поради социјални или финансиски причини не можат да ја остварат својата креативност и да ја изградат својата иднина.

Посебен и силно емотивен момент на вечерта ќе биде претставувањето на химната „Фросина”, отпеана од познатиот автор Александар Митевски заедно со Хорот ФРИДА под водство на Сузана Турунџиева, со текст на Огнен Неделковски. Баладата е создадена како искрена, лична и достоинствена почит, но и како јавна порака дека музиката, како и уметноста, може да биде форма на паметење, завет и повик за промена.

Фондацијата „Фросина Кулакова” е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да создаде долгорочна и одржлива платформа за градење култура на грижа, правда и свесност. Преку кампањи за општествена одговорност, културни и едукативни проекти и директна поддршка, Фондацијата има за цел да го претвори личниот губиток во јавна мисија што создава смисла и општествено дејствување.

Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само еден трагичен момент, туку долг и тежок процес на соочување со последиците, и дека токму затоа овој настан не е замислен само како еднократна вечер, туку како почеток на една поширока и подлабока општествена иницијатива.

Донаторската вечер „Threads of Light” претставува прв јавен чекор во работата на Фондацијата „Фросина Кулакова” и почеток на една мисија во која уметноста, културата и човечката солидарност стануваат сојузници на промената.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни