Утре на сцената на МНТ: Синергија на младите и искусните џезери

Овој несекојдневен концертен концепт ќе понуди иновантни аранжмани со разнородни џез композиции, во кој младите џез таленти ќе имаат можност да го покажат најдоброто, рамо до рамо со професионалните џез музичари

Националниот Џез оркестар најавува специјален концерт, кој ќе се одржи утревечер, на 8 октомври со почеток во 20 часот, во Македонскиот народен театар (МНТ) во Скопје. Овој уникатен настан, велат организаторите, ќе претставува спој на искуството на професионалните музичари и талентот на студентите од Факултетот за музичка уметност во Скопје и Џез академијата во Штип.

Концертот ќе понуди иновантни аранжмани со разнородни џез композиции, во кој младите џез таленти ќе имаат можност да го покажат најдоброто, рамо до рамо со професионалните џез музичари.

„Водејќи се од идејата дека имаме плодна почва за создавање на нова генерација расни џез музичари кои ќе го продолжат континуитетот на врвна професионалност на Националниот џез оркестар, сакаме да им дадеме можност на младите колеги конечно да застанат на голема сцена заедно со нас“, велат од Националниот џез оркестар.

Ентузијазмот на младите таленти ќе даде посебна возбудлива нишка на овој концерт, кој воедно е најава и за идни, слични настапи. Оваа млада генерација на џез уметници ќе генерира нова млада публика, и ќе продолжи да ја негува џез културата која има блескава традиција во нашата држава.

„Ова е ретка можност и скапоцено искуство за нас младите џез музичари. Ќе го дадеме најдоброто од себе“, велат младите музичари кои со денови се подготвуваат за концертот во МНТ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни