Еднаш дом замислив и тргнав да верувам дека како концепт ги надминува националните, верските, етничките и другите определби и дава нова смисла на припаѓањето. Како ,,типичен млад човек кој сега нашол да зборува на секоја тема”, баш се закачив за овие прашања. Најдов многу луѓе на оваа територија кои размислуваат во оваа насока, но наидов и на многу омраза, страв, лутина, непријатности кои просто шокираат. Тргнав да пишувам размислувајќи за двете.
Дефинирањето на чувството за заедничкото никогаш не сум го гледала ниту замислувала според некакви определби од тоа погоре, туку според отвореноста на заедницата за која пишувам со страст. Мислејќи на овие теми низ глава веднаш ми минуваат романите на Лидија Димковска, една од најзначајните македонски авторки. Имено, и во нејзините ликови и во стварноста ги гледам истите прашања за тоа што вистински е создадено од нашите живеалишта, на кои вредности, со која праведност? Не може да не бидете испровоциран и фрлен во преиспитување доколку земете некоја од нејзините книги. Секогаш откако ќе ја исчитам, како идејата за домот да станува одново само бесконечен стремеж, а просторот кој ќе ги следи тие динамики и да е само утопија на фикцијата.
Дали ова парче земја на кое живееме ќе може сите негови жители да го наречат нивно место? Ова често го имам во глава кога ќе слетам пак во Скопје по некое време надвор, повторно некоја сцена од нејзино четиво никнува од никаде во мислите. Пријатно е чувството кога ќе си дојдеш, ама немирот пристигнува со првите вести на ручек. Телевизиските екрани потсетуваат: животот се води на ниво на хетеронормативно оппштество како целина и сè друго како закана. Ако живееме и работиме и критикуваме, не смееме да го правиме тоа од нашите позиции зашто генерално сме странски непријатели. Ако се обидеме да понудиме нешто, тоа не е релевантно за борбите на овој народ, ако сакаме да помогнеме со нашиот интерес тогаш не сме доволно Македонци. Ние сме туѓинци, ние немаме вредности, не сме доволно наши, ние сме тие другите кои се потенцијална опасност.
Понекогаш ме обзема длабок дефетизам кога гледам колку е тешко да се биде автентичен и слободен токму онаму каде удираме во гради дека најизворно слободата припаѓа. Наместо спокој, добивме страв кој секаде го гледаме и насилство кое избива во најразлични облици кон послабите. Огромна поларизираност која се прелева во нервоза и нетолеранција, дефиниција за припаѓањето која не е менлива и отворена, напротив ужасно тесна и ограничувачка.
Низ годините, изградивме затворен, длабоко патријархален дом полн со осуда и прашањето ,,Кој(а) си ти да зборуваш? Македонија како засолниште за многумина е неспокојство, неможност да се биде вистински гласен преку својот живот и тоа е реалноста во која тие кои се обесправени се навредувани, осудувани и критикувани. За нивната вистина како да не треба да се зборува, како да е дел од некоја друга реалност. Таа треба да се сокрие колку што може повеќе. Следно можеби ќе треба да се извинат што вознемируваат и да понудат гаранција дека нема да се повтори пак, бидејќи изолираните меури во кои сме живееле не функционираат најдобро периодов?
Oттаму, меѓу сите концепти за граници, разлики, дефинирање едно наспроти друго и губење на суштинското зближување, знам дека припаѓањето и градењето на нашите спокојни места ќе се одвива на алтернативни нивоа. Прекинав да очекувам разум, отвореност, космополитизам, соживот од доминантните струи, нема шанси, се уморив.
За мене не може да постои дом за едниот, без тоа да му ја дава слободата и просторот на другиот, ниту пак некој кој континуирано омаловажува нечиј живот и постоење може да зборува и да го коментира домот како некаква највисока вредност. Aко навистина сакаме да мислиме дека во оваа земја можеме да го изградиме, можеби треба да тргнеме од сопствените филтри на различноста и тоа како воопшто го доживуваме секој кој не е дел од она што ни е удобно и познато, во еден подинамичен процес на отворање кон светот и кон животот воопшто?
Првите чекори за формирање на безбеден простор почнуваат од разбирањето што не е само во нашиот приватен простор, туку допира многу повеќе од нас, ама за ова мора да почнеме да поднесуваме критика насочена кон нас. Мора да пробаме да се видиме себеси со своите слабости. Кога замислив дом тука, помислив дека може да биде за сите. Онаму каде чувството за безбедност, задоволство и почит не се селективни, каде има секојдневен труд за меѓучовечките односи, таму би сакала лесно да се пронајдеме. Да покажеме преку пример што значи тој: обврска за грижа, слобода и бескрајна заштита на автентичноста.
Го штитиш мојот спокој, го чуваш моето право да постојам подеднакво храбро како тебе, а јас го правам истото за тебе. Тоа е заедништво според моите дефиниции, наспроти ова до кое сме стигнале како општество досега.