Не можам да заборавам едно видео што деновиве ми прелета на Инстаграм. Една млада личност во Украина, се снима себеси додека оди по улица и ги слуша воените сирени за предупредување со кои го синхронизира својот глас. Ух! Само нежниот звук кој го испушта низ истиот ритам низ кој се слуша и сирената и лелеавото движење на телото по улицата, толку е видеото. Симболика поголема од какви било зборови. Го гледам десетина пати и ја чувствувам грутката во грлото што се појавува. Го исклучувам телефонот.
Мислам на неа додека го пишувам ова. Има многу проблематични нешта во тоа како се обидуваме да бидеме океј и да си ги градиме животите рамнодушно и засебно од овој огромен облак со смрт и болка кој пристига насекаде. Од Украина, до Газа и Либан, испоумираа луѓе кои не се само една обична бројка и не смеат да бидат. Живееме во време кога ова треба дополнително да се појаснува, како да не треба да се подразбира, ова е трауматично само по себе. Се брои, известува и зборува за луѓе како за предмети, како сечие име и презиме затрупано под погодена зграда да нема посебна важност и вредност ако не е познато за јавноста. Ги нема повеќе, секој од нив со своја посебност, приказна, мака, жени и мажи, деца и стари лица кои се родиле и замислиле некаков живот за себе. Во медиуми тие се бројка што секој ден се зголемува. Редовно сме изложени на огромен број вести за она што се случува, но реакциите ни се крајно затапени.
Со секој нов конфликт и одлуката да сме колку што може понезасегнати, дел од човечкото во нас се гаси и самите сме виновни за тоа. Многу пред да почнеме да работиме на конференции за предизвиците и стравовите од новите технологии врз човештвото. Апсолутно самите, со сопствените одлуки и мозоци и просудување, драстично отфрламе огромен дел од таа обврска да се биде човечен. Станува збор за обврска, а не прашање на кое може да се одговори со НЕ затоа што овој живот е подеднакво политички колку што е и приватен, а тоа значи и свесност и ангажман за работите со кои сме поврзани.
После видеото ми се превртува стомакот цела вечер. Од мојот удобен кревет можам да напишам неколку зборови и да искоментирам нешто кое во суштина едвај го разбирам вистински и се срамам: загрозен, соголен живот кој не се сведува на моите, твоите и нашите секојдневни каприци туку на страв и неизвесност за тоа дали ќе се дочека следното утро. В
о меѓувреме, ние сме во една паралелна реалност каде се бавиме со други работи. Ние сме тотално во друг момент. Експерти сме за светска и локална политика, за коментари со говор на омраза, за осудување и предрасуди, специјалисти за агресија и лутина, со фокус на обезвреднување и драматично карање. Само јако, удираме каде што боли, заборавајќи дека самите зборуваме за себе и дека во суштина сме многу тажни. Длабоко, длабоко тажни. Тоа што сме глуви за работите околу нас, не значи дека нè изолира од опасностите кои може да нè стигнат. Имаме куп енергија да го канализираме сè ова погоре, ама никако за да се свртиме малку на другата страна и да замолчиме.
Еднаш за промена да замолчиме. Да прифатиме колку сме себични и ако можеме, да се засрамиме. Да останеме некое време со тој срам. Реагираме продуктивно и се заземаме за останатите најчесто само тогаш, кога гледаме дека таа опасност нè афектира и нас и нашите животи. Инаку, само ужасно многу судиме како експерти за сè, и не разбираме колку сме мали и неважни во големата слика на нештата.
Додека светот буквално крвари, стануваме камења за туѓата болка, еден по еден. Во меѓувреме, некој потпевнува заедно со воените сирени, сонува дом кој не е разурнат од гранати, а ние сме брутални и себични во сопствените меури. Имаме одамна заборавено дека сме должни не само на себе, туку и на секој кој го споделува ова постоење каде и да е на планетава. Една од тие должности е да бидам, да бидеш грижлив, сочувствителен и борбен човек сега. Затоа што му требам(е) на ова неизвесно утре кое доаѓа, кое може да е најстрашно од кога било.