Уставниот суд на Црна Гора ја укина забраната за работа на продавниците во недели и празници

Уставниот суд оцени дека оваа одредба ја нарушува слободата на претприемништво загарантирана со Уставот, како и уставниот принцип на еднаквост

Уставниот суд на Црна Гора денес го прогласи за неуставен и го укина членот 35а од црногорскиот Закон за внатрешна трговија, со кој се регулираше прашањето за затворање на продавниците во неделите.

Уставниот суд оцени дека оваа одредба ја нарушува слободата на претприемништво загарантирана со Уставот, како и уставниот принцип на еднаквост на сите пред законот, бидејќи на една група претприемачи или трговци им било дозволено да вршат дејност во неделите и на државните и другите празници, додека на друга група ѝ било забрането тоа да го прави.

„Со тоа што дозволи една група претприемачи (аптеки, слаткарници, пекари, трафики, продавници за сувенири, цвеќарници, продавници за погребална опрема, продавници за производи за заштита на растенијата, бензински пумпи, пазари итн.) да работат, а друга не, законодавецот ја стави едната група претприемачи во нееднаква положба во споредба со другата. Таквата забрана нема објективно и разумно оправдување, од аспект на уставната обврска на државата да обезбеди еднакви пазарни услови за сите претприемачи“, се наведува во соопштението на Уставниот суд на Црна Гора.

Беше нагласено дека забраната за трговско работење во недела и на државни и други празници ќе остане на сила до објавувањето на одлуката на Уставниот суд во Службен весник на Црна Гора. Уставниот суд на Црна Гора одлучи врз основа на иницијатива поднесена од Синдикатот на работодавачи на Црна Гора.

Црногорскиот парламент го усвои Законот за внатрешна трговија, кој предвидува дека трговијата на големо и мало не може да се врши во недела и на државни и други празници, во јули 2019 година, а законот стапи на сила на 15 октомври истата година.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни