Уставниот суд на Косово донесе привремена мерка со која го суспендира указот на претседателката Вјоса Османи за распуштање на парламентот, отворајќи нова фаза од политичката криза во земјата.
Со одлуката, на Османи ѝ се забранува да презема какви било дејствија поврзани со указот за распуштање на парламентот, а истовремено на Собранието на Косово му се забранува да презема институционални чекори додека привремените мерки се на сила.
Уставниот суд соопшти дека привремената мерка ќе важи до 31 март или до донесување конечна одлука за уставноста на указот.
Во образложението на судот се наведува дека мерката е донесена „со цел да се спречи непоправлива штета врз уставниот поредок и демократското функционирање на основните институции на земјата“.
Практично, ова значи дека претседателката Османи во овој период не може да распише предвремени парламентарни избори ниту да одреди датум за гласање.
Политичката криза во Косово започна на 5 март, кога парламентот не успеа да избере нов претседател на државата поради недостаток на кворум. Опозициските партии ја напуштија седницата по неуспешните преговори со премиерот Албин Курти за постигнување договор околу заеднички кандидат.
Еден ден подоцна, Османи издаде указ за распуштање на парламентот, повикувајќи се на уставна одредба која предвидува избор на нов претседател 30 дена пред истекот на мандатот на актуелниот шеф на државата. Нејзиниот мандат истекува на 4 април.
Одлуката предизвика дебата меѓу уставните експерти во Косово. Дел од нив сметаат дека распуштањето на парламентот е спорно, бидејќи Уставот предвидува рок од 60 дена за завршување на процедурата за избор на претседател од моментот кога започнува процесот.
Во политичката јавност се појавија и толкувања дека зад одлуката на Османи може да стои и политичка пресметка. Аналитичари во Приштина посочуваат дека претседателката не ја крие амбицијата за втор мандат, иако ниту една парламентарна партија досега не ја предложи како кандидат.
Според косовскиот Устав, во првите два круга од изборот за претседател е потребно двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници. Доколку тоа не се постигне, во третиот круг е доволно просто мнозинство.