Во пожар на американскиот носач на авиони USS Gerald R. Ford се повредени повеќе морнари, а уништени се околу сто лежаи. Ова е најновиот во низата инциденти што го погодија најголемиот воен брод во светот за време на исклучително долг престој на море.
По речиси девет месеци пловидба, носачот, кој моментално се наоѓа во Црвеното Море за поддршка на операциите против Иран, ќе исплови кон Крит на поправки, а долготрајното распоредување отвори прашања за моралот на екипажот и борбената подготвеност на бродот, пишува The Guardian.
Повреден дел од екипажот
Неименувани претставници изјавиле за Reuters дека не е познато колку долго бродот вреден 13 милијарди долари ќе остане на Крит. Еден од нив рекол дека по избувнувањето на пожарот во главната бродска пералница, речиси 200 морнари побарале лекарска помош поради вдишување чад. Пожарот, кој бил изгаснат дури по повеќе од 30 часа, зафатил и простор со околу стотина лежаи.
Еден член на екипажот поради повредите бил пренесен од бродот, додал претставникот. Пентагон не одговорил веднаш на барањето за коментар. The New York Times, повикувајќи се на Централната команда на американската војска, објави дека двајца морнари биле згрижени поради „повреди кои не се опасни по живот“.
Непосредно по избувнувањето на пожарот, американската војска соопшти дека погонскиот систем не е оштетен и дека носачот на авиони е целосно оперативен.
Проблеми со функционалноста на бродот
Носачот, на кој служат повеќе од 4.000 морнари, за време на престојот на море се соочил и со значителни проблеми во системот за одводнување, а американските медиуми пишуваа за затнати тоалети и долги редици за нивно користење.
Проблемот не е нов — во извештај на Канцеларијата за отчетност на американската влада од 2020 година се наведува дека системот за одводнување е склон кон „неочекувани и чести затнувања“ и бара редовни испирања со киселина, од кои секое чини 400.000 долари.
Морнарицата минатиот месец ги потврди извештаите за проблемите, но командата на бродот порача дека „инцидентите со затнување обучен персонал ги решава навремено, со минимален прекин на работата“.
Минатиот месец морнарицата во изјава за Guardian наведе дека нејзините операции „во динамични средини бараат огромна посветеност“ од сите морнари, „кои доследно ја покажуваат својата посветеност на мисијата“. Додале и дека потребите за одржување на бродот „се намалувале како што распоредувањето напредувало“.
Стратешки последици
Повлекувањето на Ford ќе остави значителна празнина во американските сили во регионот, каде што десетици негови борбени авиони учествувале во нападите врз Иран. Но, The New York Times, кој прв извести за размерите на штетата од пожарот, цитираше воен претставник кој рекол дека Ford најверојатно ќе биде заменет со друг носач, USS George H.W. Bus, кој се подготвува за испраќање на Блискиот Исток.
Соединетите Американски Држави извршиле напади врз повеќе од 7.000 цели откако на 28 февруари ги започнале операциите против Иран.
Ford носи повеќе од 75 воени авиони, вклучително и F-18 Super Hornet, и користи софистициран радарски систем за контрола на воздушниот сообраќај и навигација. Пред испраќањето на Блискиот Исток, носачот учествувал и во американските операции на Карибите, каде што американските сили изведувале напади врз бродови за кои се сомневало дека шверцуваат дрога, пресретнувале санкционирани танкери и го уапсиле венецуелскиот претседател Николас Мадуро.