Успешно заврши петтиот Форум на УНЕСКО – креативни градови за филм во Битола

Под мотото „Одржливи и еколошки практики во филмот и креативните индустрии“, во Битола се одржа Петтиот Форум на креативните градови за филм од мрежата на УНЕСКО. Форумот привлече филмски професионалци од целиот свет, вклучувајќи претставници од Ваљадолид, Голвеј, Потсдам, Лоѓ, Сараево, Софија, Тераса и други градови, кои ги споделија своите искуства и практики во филмот и креативните индустрии кон градење одржливи градови.

Во продолжение се дел од заклучоците на форумот:


  • Филмската и креативната индустрија играат клучни улоги во унапредувањето на одржливоста;
  • Од јавни кампањи до практики за покревање на свеста, културните настани можат да водат кон позитивни промени за животната средина, а малите чекори можат да направат голема разлика;
  • Филмот има потенцијал да ја продлабочи нашата љубов кон природните пејзажи;
  • Локалните власти, бизнисите, заедниците и меѓународните партнери мора заеднички да работат на создавање поодржливи практики во секој аспект од продукцијата, дистрибуцијата и кинопроекциите;
  • Како градови, членките на УНЕСКО можат да ги зајакнат своите врски за да промовираат одржливост во филмот и креативните индустрии, да споделуваат иновативни практики и да бидат лидери во намалувањето на јаглеродниот отпечаток.

Преку панел-дискусии, презентации и проекции на филмови со фокус на „зелена“ продукција, учесниците на форумот го потенцираа значењето на соработката помеѓу креативните градови за да се поттикне свесноста за климатските промени и да се намали јаглеродниот отпечаток. Примерите од успешни проекти, како и дискусиите за декарбонизација и дигитализација, покажаа како филмот и креативните индустрии можат да придонесат за одржлив развој и зачувување на животната средина.

Форумот го организираше Центарот за филм – Битола, со поддршка од УНЕСКО преку проектот „Култура и креативност за Западен Балкан“, проект поддржан од Европската Унија чија цел е да го поттикне дијалогот во Западен Балкан преку зајакнување на културните и креативните сектори за зголемено социо-економско влијание и Министерството за култура и туризам.

Заклучоците од форумот ќе бидат испратени до кластерот за филм на УНЕСКО и ќе служат како основа за креирање политики и поддршка на локалниот аудиовизуелен сектор.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни