Театар „Пи“, единствениот инклузивен театар во Северна Македонија, годинава одбележува 15 години постоење. Со својата уникатна мисија да го користи театарот како средство за арт-терапија и изразување на луѓе со различни способности, театарот претставува инспиративен пример за тоа како уметноста може да биде мост за инклузија и општествени промени.
„Самата основа и потреба да се создаде простор каде уметноста ќе биде достапна за сите беше инспирацијата за формирање на Театар Пи,“ вели Златко Митрески, основач на театарот. Во текот на своето 15-годишно патување, тимот на Театар Пи открива и развива скриени таленти, претворајќи го театарот во безбедно место за креативност и личен развој.
Иако зборот „инклузија“ често се споменува, Митрески потенцира дека вистинскиот импакт во уметничкиот свет сè уште не е доволно применет во пракса. „Многу луѓе со различни потреби имаат скриени таленти, кои преку театарот успеваме да ги откриеме и развиеме,“ додава тој.
Дино Рамо, тапанар во Театар Пи, кој е дел од ансамблот веќе 13 години, сведочи за влијанието што оваа заедница го има врз нејзините членови. „Гордеам се што сум дел од овој ансамбл. Театарот ми овозможи да растам како музичар и како личност,“ споделува тој.
Со околу 40 активни членови, Театар Пи не само што обезбедува простор за изразување, туку и создава иновативни проекти, како што е најновиот мултимедијален проект „Молчи, јас летам.“ Овој проект е круна на нивната долгогодишна работа, претставувајќи нова димензија на инклузивната уметност во Македонија.
„Успехот на Театар Пи не е само во бројките, туку во животите што ги промени,“ истакнува Марија Тасевска, членка на театарот. Со проекти како овој, Театар Пи продолжува да ги проширува границите на уметноста и да ја менува свеста за инклузијата во општеството.