Американската пејачка и актерка Дајана Рос е една од најголемите музички икони на 20 век. Родена е како Дајана Ернестин Ерл Рос на 26 март 1944 година во Детроит, а светската слава најпрво ја стекна како членка на вокалната група „The Supremes“, а потоа и како соло уметница.
Во текот на кариерата ја одбележа поп и соул музиката и остави силен печат и на филмот. Нејзината популарност и влијание траат со децении.
Патот до ѕвездите: The Supremes
Професионалната кариера ја започнала во 1959 година, кога со пријателки ја основала групата „The Primettes“. По потпишувањето договор со „Motown Records“, групата го сменила името во „The Supremes“, а покрај Рос, во оригиналната постава биле и Мери Вилсон и Флоренс Балард.
Групата остварила дури 12 хитови на првото место на поп-листите, меѓу кои се песните „Baby Love“, „Stop! In the Name of Love“ и „Someday We’ll Be Together“. Продале милиони албуми и им го отвориле патот на многу афроамерикански изведувачи на светската сцена. Во 1967 година името било сменето во „Diana Ross and the Supremes“, со што била најавена нејзината соло кариера, која започнала во 1970 година.
Успешна соло кариера и филм
Со деби-албумот „Diana Ross“ и хитот „Ain’t No Mountain High Enough“ започнала низа успеси на музичките листи. Песни како „Love Hangover“ и „Upside Down“ станаа големи хитови, а дуетот „Endless Love“ со Лајонел Ричи ги освои врвовите на бројни листи.
Паралелно ја градела и актерската кариера. Дебитирала во филмот „Lady Sings the Blues“, во кој ја толкувала Били Холидеј. Потоа следувале улоги во филмовите „Mahogany“ и „The Wiz“.
Иако нејзиниот комерцијален успех од средината на 1980-тите почнал да слабее, таа останала популарна како концертна изведувачка и го задржала статусот на една од најважните музичарки на своето време.
Во 2006 година го објавила албумот „I Love You“, по што следува голема турнеја.
Со групата „The Supremes“ во 1988 година била примена во „Rock and Roll Hall of Fame“.
Во 2012 година ја добила Греми наградата за животно дело, а во 2016 година и „Presidential Medal of Freedom“. Нејзиното наследство и натаму има силно влијание врз музичката индустрија. Таа е мајка на пет деца, меѓу кои е и актерката Трејси Елис Рос.