Што е потребно по смртта на балканскиот рис? Еколозите со апел за итни мерки

По усмртен рис на патот Ресен–Охрид, еколозите бараат изградба на зелени мостови за заштита на балканскиот рис, од кој остануваат околу 50 единки.

Случајот со усмртениот рис на патниот правец Ресен–Охрид повторно ја отвори темата за безбедноста на дивите животни на сообраќајниците. Македонското еколошко друштво апелира дека изградбата на зелени мостови е неопходна мерка за да се спречат вакви трагични настани и да се овозможи непречено движење на животните.

Од организацијата посочуваат дека ваквите инциденти се особено загрижувачки ако се земе предвид дека во природата се преостанати само околу педесетина единки од балканскиот рис. Според нив, зачувувањето на овој загрозен вид бара долгорочно планирање на инфраструктурата и воведување премини преку кои животните ќе можат безбедно да ги минуваат патиштата создадени од човекот.

По добиена информација од ловното здружение „Преспа-Ресен“, екипи излегле на терен и потврдиле дека животното е угинато на коловозот. Во заедничка акција со надлежните институции, меѓу кои Министерството за животна средина, Државниот инспекторат, Агенцијата за храна и ветеринарство и еколошкото друштво, од рисот биле земени примероци за анализа. Телото било транспортирано на Факултетот за ветеринарна медицина при УКИМ, каде што ќе се изврши обдукција.

Мртвото животно рано наутро било забележано од патници во автобус во близина на планинскиот превој Буково, по што биле известени надлежните служби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни