УСКОК ја отфрли пријавата против Томашевиќ за забраната на концертот на Томпсон

УСКОК ја отфрли кривичната пријава против градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ, поврзана со забраната за концерт на Марко Перковиќ Томпсон во „Арена Загреб“.

Хрватското обвинителство за борба против корупција и организиран криминал (УСКОК) ја отфрли кривичната пријава поднесена против градоначалникот на Загреб, Томислав Томашевиќ и директорот на „Арена Загреб“, Сретан Шариќ, поврзана со забраната за одржување концерт на пејачот Марко Перковиќ Томпсон.

Како што јавува Index.hr, пријавата била поднесена од компанијата Infinite show d.o.o., организатор на концертите на Томпсон, поради сомнеж за кривично дело злоупотреба на службена положба и овластувања. Станува збор за одбивањето на барањето за подзакуп на салата „Арена Загреб“ за концерт планиран за 28 декември 2025 година.

УСКОК соопшти дека пријавата е отфрлена по детална анализа на сите релевантни околности и доставената документација, при што не биле утврдени елементи што укажуваат на постоење на пријавеното кривично дело, ниту на кое било друго кривично дело.

По одлуката на УСКОК, се огласи и градоначалникот Томислав Томашевиќ, кој потсети дека Томпсон во последните години има забрани за настапи во повеќе хрватски и европски градови, прашувајќи се колку кривични пријави биле поднесени против градоначалниците во тие средини.

Томашевиќ нагласи дека, додека ја има довербата на граѓаните на Загреб, ќе продолжи да носи одлуки кои ги смета за исправни и дека нема да се повлече пред политички и правни притисоци.

Тој повтори дека поздравот „За дом спремни“ го смета за усташки и проусташки, додавајќи дека Град Загреб има обврска да го регулира користењето на јавните, односно градските простори.

Градоначалникот се осврна и на концертот на Томпсон одржан минатото лето на Хиподромот, за кој рече дека бил дозволен во добра верба, но дека не очекувал во центарот на главниот град непречено да се пеат усташки песни, ниту такви пораки да се толерираат во институциите.

Во врска со пораките испратени од концертот во „Арена“, каде што актуелната власт во Загреб беше наречена „екстремна левичарска секта“, Томашевиќ изјави дека нема да се спушта на ниво на навреди и потсети дека политичките промени се случуваат на избори, пренесе ХРТ.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни