Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на заедничка прес-конференција со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави:
„Ставот на Европската унија се заснова на слобода, а не на репресија – вклучително и правото на мирно собирање. Ние се залагаме за партнерство, а не за потчинување, и за дипломатија, наместо агресија.“
Таа потсети дека Србија пред скоро две децении направила избор да ѝ се приклучи на ЕУ – избор од срце, желба на народот, и дека ЕУ очекува Србија да го забрза својот пат кон членството.
„Сега е вистински момент Србија да преземе конкретни чекори кон приближување. Напредокот во владеење на правото, изборното законодавство и медиумите е клучен. Имаме позитивен сигнал со напредокот во избирачките списоци и работата на регулаторното тело за медиуми (REM). Ќе биде важно да се следи како ќе се спроведуваат овие мерки“, додаде фон дер Лајен, најавувајќи средба во Брисел за еден месец.
Таа истакна дека Србија има 61% усогласеност со надворешната политика на ЕУ и дека е формиран надзорен одбор во рамки на новиот план за раст – што е позитивен сигнал.
Вучиќ: Членството во ЕУ останува стратешки приоритет
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека членството во ЕУ е „стратешка определба и приоритет на српската надворешна политика“.
„Тоа нема да се промени до следните избори, а верувам дека нема ни потоа“, рече тој, но и додаде дека Србија не отворила ниту едно поглавје или кластер во преговорите со ЕУ од почетокот на војната во Украина.
Тој посочи дека, и покрај направените чекори во регулаторната рамка и енергетиката, Србија мора да направи уште многу, и изрази надеж за поддршка од ЕУ.
„Изјавите дека Србија ќе влезе во ЕУ до 2025 беа дадени од претходни функционери во ЕК, но очигледно никој не го сфатил тоа сериозно – вклучувајќи ја и Србија која не беше подготвена“, рече Вучиќ.
Тој истакна дека постојат „две клучни прашања за Србија“, но не ги прецизираше, додавајќи дека тие ќе мора да се отворат во наредните месеци.