Вработените во Јунајтед Груп синоќа биле известени преку корпоративно писмо дека основачот на компанијата и претседател на Советодавниот одбор, Драган Шолак, како и извршната директорка Викторија Боклаг, се разрешени од своите функции. Наместо нив, на раководни позиции се назначени Стен Милер како извршен директор и Либор Вончина како заменик, пишува ТВ Н1, која е дел од групацијата.
Иако во известувањето до вработените било наведено дека работата продолжува непречено на сите пазари, веста за смените предизвикала загриженост меѓу уредниците на медиумите што функционираат во рамки на Јунајтед Медиа, медиумската мрежа на Јунајтед Груп.
Во отворено писмо упатено до меѓународната јавност, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, европратеници, културниот комитет на Европскиот парламент, Европската федерација на новинари, Репортери без граници, Меѓународниот институт за печат и Комитетот за заштита на новинари, уредниците изразуваат сериозна загриженост.
„Длабоко сме загрижени од одлуката на БЦ Партнерс (BC Partners), мнозинскиот акционер во Јунајтед Груп, да ги смени Шолак и Боклаг без јавно објаснување“, стои во писмото насловено „Апел за заштита на независното новинарство во Југоисточна Европа“.
Писмото го истакнува придонесот на Шолак како принципиелен бранител на уредувачката независност, особено под интензивен политички и економски притисок од влади со авторитарни тенденции, пред сè во Србија. „Тој обезбедуваше непоколеблива поддршка на независното новинарство, и покрај кампањи на оцрнување, регулаторни пречки и политички упади.“
Уредниците предупредуваат дека изненадната смена може да значи дека BC Partners подлегнува на политички притисок, со што би се отворил пат за влијание на влади и интересни групи врз уредувачките политики – што би било сериозен удар за слободата на медиумите во регионот.
Во апелот се бара:
- БЦ Партнерс јавно да ја потврди својата посветеност на уредувачка независност;
- Да не се донесуваат кадровски одлуки што би можеле да ја загрозат таа независност;
- Европските институции и новинарски организации активно да ја следат ситуацијата и да помогнат во заштита на слободното новинарство на Балканот.
- Медиумите во мрежата не се само компании, тие се клучни јавни институции кои секојдневно обезбедуваат проверени информации за милиони граѓани во земји каде што слободата на медиумите е сè повеќе под закана, заклучуваат уредниците.
Писмото го потпишаа:
Игор Божиќ, програмски директор на Н1 Србија
Тихомир Ладишиќ, програмски директор на Н1 Хрватска
Амир Зукиќ, програмски директор на Н1 Босна и Херцеговина
Катја Шеруга, главна уредничка на Н1 Словенија
Слободан Георгиев, директор на вести на ТВ Нова
Михаило Јовиќевиќ, главен уредник на Нова.рс
Ранко Пивљанин, главен уредник на весникот Нова
Драгољуб Петровиќ, главен уредник на Данас
Весна Малишиќ, главна уредничка на Радар
Марта Евтимова, главна продуцентка на Нова Бродкастинг Груп
Јелена Ќорлука, уредничка на Нова М
Михаило Јововиќ, главен уредник на весникот Вијести – Црна Гора
Радомир Крачковиќ, главен уредник на ТВ Вијести
Извор: Мета.мк