Поставени сите уреди за мерење бучава: инспекциски контроли на 30 локации во Општина Центар

Општината ја заврши првата фаза од системот за мониторинг на амбиенталната бучава, со цел поефикасна заштита на јавниот ред и квалитетот на живот

Општина Центар ја заокружи првата фаза од воспоставувањето систем за мониторинг на бучавата во јавниот простор, со поставување на вкупно 30 уреди за мерење на амбиентална бучава на повеќе фреквентни локации низ општината. Системот е наменет како поддршка на инспекциските служби и дел од пошироките напори за унапредување на јавниот ред и мир.

Уредите се поставени на улиците „Народен фронт“, „Наум Наумовски Борче“, „Орце Николов“, „Михаил Цоков“, „Славка Недиќ“, „Живко Чинго“, „Радњанска“, булеварот „Климент Охридски“, „Ленинова“, „Самоилова“, „Отон Жупанчиќ“, „Мирослав Крлежа“, „Ѓорѓи Пешков“, „Пиринска“, „Јордан Мијалков“, како и на Кејот „13-ти Ноември“.

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, нагласи дека уредите се користат исклучиво за индикативни мерења, а не за утврдување на прекршоци. „Овие мерни единици не препознаваат гласови, туку ја мерат амбиенталната бучава во децибели и фреквенцијата на звукот. Со тоа овозможуваме побрза и поефикасна реакција на инспекциските служби и подобра заштита на јавниот ред и мир“, изјави Герасимовски.

Од Општината појаснуваат дека податоците добиени од уредите служат како основа за насочување на теренските контроли, но врз нив не се покренуваат прекршочни постапки. Санкции може да се изречат исклучиво врз основа на официјални мерења од акредитирана лабораторија, согласно Законот за заштита од бучава во животната средина.

Според член 56 од Законот, прекршочните казни се движат: од 6.000 до 7.000 евра за микро правни субјекти, од 13.000 до 14.000 евра за мали и од 37.000 до 41.000 евра за средни правни субјекти.

Фокусот на системот е ставен на бучавата што потекнува од угостителските објекти и сообраќајот, како дел од стратегијата за подобрување на урбаниот живот и заштита на јавниот мир на жителите на Општина Центар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни