Урбано пчеларство – Кошници на крововите на Менхетн

Терминот ‘урбано пчеларство’ се појави на крајот на осумдесеттите години на минатиот век, кога љубителите на овие прекрасни суштества кои живеат во големите градови, во своите дворови или на рамни кровови на згради, формираа мали пчеларници со неколку кошници. Во последниве години, глобалните хотелски ланци и други институции се придружија на трендот на урбано пчеларство, носејќи го својот мед директно на столовите на своите гости

Ендру Коте, пчелар од Њујорк, професор по англиски и шпански јазик и мајстор на боречки вештини, одгледувањето пчели го подигнал, буквално, на повисоко ниво.

Познат како пионер на урбаното пчеларство, Ендру е роден во четвртата генерација пчелари од Конетикат и ја продолжил фамилијарната традиција – во Њујорк и во родниот Конетикат (од нив, шездесет кошници се на крововите на небодери во Бронкс, Бруклин, Квинс, на Менхетн, Лонг Ајленд) се грижи за 200 кошници со повеќе од 75.000 пчели.

Неговите пчели се наоѓаат на разни места, вклучувајќи ги крововите на познатите згради, хотелите Валдорф Асторија и Хилтон, верски објекти, училишта, заеднички градини, северниот тревник на седиштето на Обединетите нации, Музејот на современата уметност (MoMA), па дури и на гробишта.

„Тешко ми е да опишам со зборови што чувствувам кога работам со пчелите, бидејќи тогаш ми изгледа дека сум поврзан со природата, едноставно медитирам додека се грижам за нив“, вели Ендру, Њујорчанец во своите четириесетти, кој се занимава со пчеларство веќе единаесет години.

Иако грижата за кошниците е целодневна работа, страста и професијата на Коте се различни. Повремено предава англиски јазик и литература на студентите од колеџите, а пчеларството го практикува за да оствари приход и да го подобри опрашувањето во запуштените градски квартови.

„Се специјализирав за медоносни пчели. Среќен сум што можам да помогнам со нив да се опрашуваат градините, парковите и леите на крововите на градот и уживам во тоа“, вели Ендру, кој е основач на фирмата „Andrew’s Honey“ и претседател на Здружението на пчелари на Њујорк.

Пред десет години ја основал и непрофитната организација „Пчели без граници“ – добротворна организација која обезбедува средства и едукација за пчеларите во неразвиените земји, најчесто на Фиџи, Хаити, во Уганда и Кенија, за да се намали сиромаштијата со помош на пчелите.

Главната предност на ваквиот начин на одгледување пчели е намалената употреба на пестициди, кои се еден од главните непријатели на пчелите и закана за нивното опстанување.

„Терминот ‘урбано пчеларство’ се појави на крајот на осумдесеттите години на минатиот век, кога љубителите на овие прекрасни суштества кои живеат во големите градови, во своите дворови или на рамни кровови на згради, формираа мали пчеларници со неколку кошници. Во последниве години, глобалните хотелски ланци и други институции се придружија на трендот на урбано пчеларство, носејќи го својот мед директно на столовите на своите гости. Сo оглед на документираното намалување на бројот на пчели во одредени географски области, особено во Северна Америка и Европа, ова е охрабрувачка вест за човештвото“, истакнува Коте.

Од легализацијата на пчеларството во Њујорк во 2010 година, бројот на урбани кошници експлодирал. Само во 2020 година, се проценува дека во градот имало околу 600 регистрирани кошници. Овој тренд дополнително се забрза за време на пандемијата, кога многу жители барале нови хобија поврзани со природата, пишува Flow Hive US.

Зелените кровови се повеќе од естетика, сметаат од компанијата RXR Realty, која е една од оние што интегрирале пчеларство во своите згради, како што е Starrett-Lehigh зградата во Челси, каде што на кровот се наоѓа урбана фарма со девет кошници и околу 450.000 пчели. Овие кошници не само што придонесуваат за биодиверзитетот, туку служат и како едукативни алатки за станарите и посетителите.

Урбаните пчели играат клучна улога во опрашувањето на растенијата во градските градини и паркови, доприносејќи за здравјето на урбаниот екосистем. Интересно е што пчелите во градовите често имаат пристап до повеќе различни растенија отколку оние во руралните области, што резултира со уникатен вкус на медот.

Иако урбаното пчеларство има многу предности, стручњаците предупредуваат на потенцијалните проблеми. Прекумерниот број на кошници може да доведе до конкуренција меѓу домашните и дивите пчели за ограничените ресурси, што може негативно да влијае на локалните популации на диви опрашувачи, пишува WIRED.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни