Во Францускиот институт во Скопје, на 17 декември со почеток во 18 часот, ќе биде отворена изложбата „Урбани пејзажи“ на македонскиот уметник Рафаел Ристовски. Станува збор за серија фотографии создадени за време на неговиот уметнички престој во резиденцијата Cité internationale des arts во Париз.
Резиденцијата Cité internationale des arts секоја година е домаќин на повеќе од 300 уметници од целиот свет и претставува значајна точка за меѓународна уметничка размена. Престојот на Рафаел Ристовски е реализиран во рамки на соработката меѓу Министерството за култура и Cité des Arts, преку која македонски уметници добиваат можност да работат и создаваат во Париз, како и да се вмрежуваат со пошироката меѓународна сцена.
Кураторка на изложбата е Мелоди Робин, која во поставката ги истражува влијанијата на париското искуство врз делата на Ристовски и односот меѓу локалниот визуелен јазик и глобалните естетски контексти. Модераторка на уметничката средба што ќе ја придружува изложбата е Јана Луловска, мултимедијална уметница која во 2023 година исто така престојуваше во Cité internationale des arts.

Во своето творештво, Рафаел Ристовски ја користи фотографијата како примарен медиум, но не само како документ. Преку дигитална обработка, урбаните пејзажи се трансформираат во симболички простори во кои архитектурата, улиците и секојдневните објекти добиваат метафорична димензија. Фокусот е ставен на таканаречената „урбана природа“ – елементи од градот кои најчесто остануваат незабележани, а носат комплексност и мистерија.
Престојот во Париз, со својата мешавина од стара и современа архитектура, ритамот меѓу мир и хаос и секојдневните, наизглед банални сцени, внесе нов слој во неговото творештво и послужи како инспирација за оваа нова серија фотографии.
Изложбата „Урбани пејзажи“ е отворена за јавноста и е наменета за сите љубители на фотографијата и современата уметност.
