Ураганот Мелиса однесе 76 животи на Карибите – 43 жртви на Хаити

Во налетот на ураганот Мелиса загинаа најмалку 76 лица низ Карибите, од кои 43 на Хаити. Илјадници домови се уништени, а властите прогласија тридневна национална жалост.

Најмалку 43 лица загинаа на Хаити во налетот на ураганот Мелиса, со што вкупниот број на жртви низ Карибите се искачи на 76, соопштија локалните власти.

Ураганот, еден од најразорните досега забележани во регионот, опустоши големи делови од Јамајка, Хаити и Куба, предизвикувајќи поплави, лизгање на земјиште и масовно уништување на инфраструктурата.

Според истражување на Империјал колеџ Лондон, климатските промени предизвикани од човечка активност ја зголемиле јачината и фреквенцијата на урагани од ваков тип, вклучувајќи ја и Мелиса.

Уништени домови и национална жалост на Хаити

Хаитиската Цивилна заштита соопшти дека евидентирани се 43 загинати, 21 повреден и 13 исчезнати лица, додека речиси 12.000 куќи се поплавени, 176 целосно уништени, а повеќе од 4.200 претрпеле оштетувања.

Властите прогласија тридневна национална жалост, која започна во понеделник.

На Јамајка, првата земја што ја погоди ураганот пред една недела, загинаа 32 лица, додека во Доминиканската Република е потврдена една жртва. Куба засега нема пријавени загинати.

Земја во криза

Катастрофалната штета дополнително ја влошува веќе тешката состојба на Хаити, земја која со години се соочува со политичка нестабилност, сиромаштија и хуманитарна криза.

Локалните власти и меѓународните организации апелираат за итна помош, бидејќи пристапот до чиста вода, храна и медицинска грижа е сериозно нарушен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни