Ураганот Мелиса ја погоди Јамајка – над 240.000 жители без струја, тројца загинати

Најсилниот ураган забележан досега на Јамајка, наречен Мелиса, го погоди југозападниот брег на островот со ветрови што достигнуваат и до 300 километри на час, оставајќи повеќе од 240.000 луѓе без електрична енергија, јавува Index.hr.

Според Американскиот национален центар за урагани, на некои делови од островот може да паднат и до 1.000 милиметри дожд, придружени со „животно опасни“ бранови и покачување на нивото на морето. Црвениот крст проценува дека до 1,5 милиони луѓе би можеле директно да бидат погодени од ураганот.

Министерот за климатски промени на Јамајка, Метју Самуда, изјави за CNN дека ураганот има „катастрофално влијание“ врз земјата, при што голем дел од островот е „целосно поплавен“. Властите добиваат извештаи за тешко оштетена јавна инфраструктура, болници и засолништа, додека бројни домови се под вода.

Националната агенција за јавни работи соопшти дека мостови и главни патишта се поплавени, вклучително и сообраќајници кои ги поврзуваат оддалечените региони.

Олујните ветрови урнаа електрични столбови, што доведе до прекини на интернет врските на повеќе делови од островот. Компанијата Starlink, во сопственост на Илон Маск, објави дека ќе обезбеди бесплатен сателитски интернет за Јамајка и Бахамите до крајот на ноември за да помогне во спасувањето и обновата.

„За сите погодени од ураганот Мелиса на Јамајка и Бахамите, услугата Starlink е бесплатна до крајот на ноември за поддршка на спасувањето и закрепнувањето,“ соопшти компанијата преку платформата X.

Премиерот на Јамајка, Ендру Холнес, се обрати до јавноста веднаш по ударот на ураганот, најавувајќи дека вниманието сега ќе биде насочено кон помош и обнова штом помине најлошиот дел од невремето.

Тој истакна дека е покрената специјална интернет страница за собирање помош, нагласувајќи дека „опоравувањето ќе бара секоја можна рака“.

Холнес повтори дека ураганот Мелиса претставува сериозна закана за животите и егзистенцијата на жителите на Јамајка, и повика на единство и солидарност во справувањето со последиците.

Извор:Danas.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни