Ураганот Габриел ја поплави Ибица – островот под вода, хаос и евакуации

Ураганот Габриел предизвика големи поплави на Ибица и Форментера – улиците се под вода, автомобили се носат од надојдени води, а прогласен е црвен метео аларм.

Ураганот Габриел, кој уште од минатата недела беснее над Атлантикот, продолжи да уништува делови од Шпанија, вклучувајќи ги островите Ибица и Форментера. Слична, но нешто поблага ситуација е забележана и на Мајорка, како и во регионот Валенсија на копнениот дел од Шпанија, како и во покраината Мурсија на југоистокот на земјата.

Метеоролошката служба AEMET го задржа највисокиот – црвен степен на тревога – на двата острова до 16 часот. Локалниот весник Diario de Ibiza известува за значителна штета на инфраструктурата.

Видеа објавени на социјалните мрежи покажуваат автомобили, мотоцикли и контејнери кои ги носат надојдените води на Ибица. Улиците се претворени во реки со кал и вода.

На една од снимките се гледаат туристи како од бродови излегуваат директно во вода длабока до колена.

Многубројни интервенции и влошена состојба

Пожарникарите на Ибица интервенирале повеќе од 20 пати. Весниците El País и други медиуми објавија дека луѓе останале заглавени во своите автомобили и домови. Затворени се неколку патишта, вклучително и пристапниот пат до аеродромот и обиколницата околу градот Ибица.

Според AEMET, во близина на аеродромот наврнале 74 милиметри дожд во само неколку часа. Прекини во снабдувањето со струја и паднати дрвја дополнително ја усложнија ситуацијата.

Островот Мајорка, исто така, се соочува со поплави, а медиумите јавуваат дека северниот дел на планинскиот венец Трамунтана е особено тешко погоден.

Регионот Валенсија беше погоден од град, силен ветер и обилни дождови, што предизвика страв од нова катастрофа – помалку од една година по разорната бура од 29 октомври 2024 година, во која загинаа речиси 230 лица.

Снимки од големи поплави пристигнуваат и од Мурсија, јужно од Валенсија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни