Откако тропската бура Ерин прерасна во ураган од прва категорија, вчера нагло се засили во ураган од категорија 5 со ветрови до 260 километри на час. Ваквите урагани се катастрофални – уриваат сè пред себе, а преживување во нивниот епицентар е практично невозможно.
За среќа, додека се движеше северно од Карибите, центарот на ураганот беше доволно оддалечен од северните острови за да ги поштеди од најразорните ветрови, но не и од силната бура и високи бранови.
Периферниот дел на ураганот зафати делови од северните Мали Антили, Порторико, Доминиканската Република, како и југоисточниот дел на Бахамите. На овие подрачја се очекуваат ветрови до 100 км/ч, врнежи од над 300 литри по м², и зголемена опасност од поплави и одрони.
Влез во „окото“ на ураганот
Во текот на вчерашниот ден, научници успеаја со авион да влезат во окото на ураганот – централниот дел каде што времето е привидно мирно, не дува ветер, и небото е ведро. Окото обично има дијаметар од 8 до 40 километри, и е опкружено со најсвирепите ветрови на целиот систем.
Околу окото постои „ѕид од облаци“ со пречник од 800 километри, каде се регистрира најинтензивната активност. Кога окото ќе помине над некоја територија, доаѓа до краткотрајно смирување, пред повторно да се активира бурата, но со ветар од спротивен правец.
Состојбата денес
Денес ураганот ослабна на категорија 4, но и натаму останува исклучително опасен со ветрови до 200 км/ч. Се очекува дополнително слабеење до категорија 3.
Пред Бахамите, ураганот ќе направи северен заокрет, по што Флорида и Бахамите ќе го избегнат директниот удар, но југоисточниот дел на островите ќе биде зафатен од периферните делови со високи бранови и врнежи.
Потоа, ураганот ќе се движи меѓу Источниот брег на САД и Бермудите, носејќи високи морски бранови од Северна Каролина до Бостон, како и налети на силни ветрови и поројни дождови.
Потенцијален правец кон Канада
Постојат проекции дека ураганот може да направи заокрет кон запад и северозапад, зафаќајќи го островот Њуфаундленд (Канада), по што би се трансформирал во силен вантропски циклон додека се движи преку Северниот Атлантик.