Тропската бура „Ерин“ зајакна во ураган од категорија 5 над КарибитеТропската бура „Ерин“ зајакна во ураган од 5. категорија над Карибите, соопшти Националниот центар за урагани во Мајами.
Иако не се очекува центарот на ураганот да удри на копно, тој се заканува со обилни врнежи и поплави, пренесе агенцијата АП.
Директорот на Центарот, Мајк Бренан, изјави дека бурата „Ерин“ многу брзо добила на сила, прераснувајќи во многу силен ураган со удари на ветер од 160 до 257 километри на час.
Очекуваме ‘Ерин’ релативно брзо да го достигне врвот на својот интензитет“, рече тој на онлајн брифингот.
Во рок од само 24 часа, „Ерин“ од тропска бура прерасна во првиот ураган над Атлантикот во 2025 година, наведе АП.
Ураганот моментално се наоѓа 170 километри северно од Ангвила, а се предвидува неговиот центар да остане над морето и да помине северно од Порторико и Девствените Острови, без да удри на копно.
Издадени се предупредувања за тропска бура за островите Сент Мартин, Сент Бартс и Сент Мартен.Центарот за урагани предупреди дека обилните врнежи на одредени места може да предизвикаат буични поплави, свлечишта и одрони.
Метеоролозите предвидуваат дека ураганот во наредните денови може да добие двојно, па дури и тројно поголема сила, а крајбрежните подрачја на САД како делови од Северна Каролина, Лонг Ајленд, Њујорк, Кејп Код и Масачусетс се изложени на поголем ризик од директна и потенцијално сериозна тропска бура или ураган, повеќе отколку најголемиот дел од јужниот и централниот Атлантик, како и северното крајбрежје на Нова Англија, соопшти метеоролошката служба Акуведер.
Американската влада распореди повеќе од 200 припадници на Федералната агенција за управување со вонредни ситуации и други служби во Порторико како претпазливост, а локалните власти наведоа дека се проверени 367 засолништа кои можат да бидат отворени по потреба.
Американската крајбрежна стража вчера соопшти дека затворила шест пристаништа во Порторико и две на американските Девствени Острови за сите пристигнувачки пловила.
Во меѓувреме, властите на Бахамите исто така соопштија дека подготвиле одреден број јавни засолништа и ги повикаа граѓаните внимателно да ја следат состојбата.
Научниците го поврзуваат исклучително брзото зајакнување на бурата во ураган над Атлантскиот океан со климатските промени, што го отежнува предвидувањето и планирањето на мерките за вонредни ситуации, наведува АП.