Ураганот Ерик достигна сила од четврта категорија додека денес се приближува до пацифичкото крајбрежје на јужен Мексико, соопшти Американскиот национален центар за урагани.
Метеоролозите прогнозираат дека ураганот ќе донесе обилни врнежи што може да предизвикаат изненадни поплави, пренесува AP.
Националниот центар за урагани со седиште во Мајами соопшти дека ураганот Ерик се наоѓа на околу 110 километри западно од Пуерто Анхел во Мексико и околу 145 километри југоисточно од Пунта Малдонадо.
Ураганот достигна максимална брзина на ветерот од 230 километри на час, што го става во четвртата категорија според скалата на урагани, која ја класифицира оваа категорија кога брзината се движи од 209 до 251 километар на час.
Претседателката на Мексико, Клаудија Шајнбаум, во видео-порака синоќа порача дека сите активности во регионот кој се очекува да биде погоден се суспендирани. Таа ги повика граѓаните да останат во своите домови или да се преселат во засолништа, особено оние кои живеат во пониски области.