Употребата на дрога кај децата расте додека системот молчи: 120 млади лица во 2024 и 63 годинава побарале помош

Податоците од ХЕРА покажуваат раст на бројот на млади кои користат дроги и психоактивни супстанции. Во 2024 година психосоцијална поддршка добиле 121 адолесцент, а во 2025 до септември – 63. Најзастапени супстанции се лепила, бронза, канабис и опијати, особено кај младите од социјално ранливи категории.


Во земјава нема официјални податоци за точната бројка на малолетници што користат дрога или психотропни супстанции во 2024/2025. Не постои системско прибирање и обработка на податоците за употребата на дроги и за употребата на дроги кај малолетници. Недостасува регистар и системска евиденција на ниво на држава, сметаат невладините организации кои се занимаваат со оваа проблематика.

Во изминатите недели редакцијата на Трн се обрати до сите надлежни институции и побара одговор колку малолетници користат дрога или психотропни супстанции и како се третираат овие лица. За жал одговор не добивме од Министерството за внатрешни работи, а центрите за социјални работи низ земјава генерално ни одговорија дека не третирале ниту имале пројава за малолетни лица корисници на дрога.

Одговор не добивме нити од Клиниката за психијатрија. На прашањето колку малолетни лица биле примени поради предозирање од Клиниката за токсикологија ни одговорија дека кај нив се лекуваат само лица над 18 години, што не е точно, затоа што сите пациенти над 14 односно 16 години не се третираат на Клиниката за Детски болести, туку се во надлежност на клиниките за адултни пациенти.

Од невладината организација Хера каде работат советувалишта за корисници на дрога или психотропни супстанции, велат дека според податоците од нивната советувалишна работа, психосоцијална поддршка од терпевти во советувалиштето за советување и поддршка од употреба на дроги и психоактивни супстанци, во 2024 има опфат на 121 млади лица/ адолесценти (80 машки, 41 женски). Во 2025, во период од јануари до септември, има опфат на 63 млади лица/ адолесценти (48 машки, 15 женски).

Најчесто велат употребата кај лицата од пониска социјална класа се сведува на инхалација на лепила, бронза, канабис и опијати.

-Кај средношколците освен канабис и опијати, се забележува употреба и на кокаин. Од пракса и советувалиштната работа која ја имаме, се забележува пораст во употребата на кокаин, амфетамини и екстази и ова е тренд секаде во светот, па и кај нас – вели Весна Матевска, програмска раководителка на Хера.

На прашањето дали постои тренд на зголемување или намалување на бројките, од Хера велат дека за да се знае дали има некаков тренд, треба да имаме регистар и системска евиденција на податоците за употребата на дроги.

-Ние немаме системска евиденција и ако ги видите податоците кои институциите ги објавуваат, ќе забележите разлика во бројките во МВР, Центри за социјална работа и Институт за јавно здравје. Последната анализа од
Народен Правобранител го потврдува истото, дека во земјата нема централизирана база на податоци за децата кои користат дроги или психотропни супстанции. Состојбата е дополнително усложнета бидејќи многу случаи не се евидентираат, ниту децата се упатуваат кон институции за третман и поддршка. Овој недостаток го потврдуваат Комитетот за правата на детето на ОН и Народниот правобранител, кои укажуваат дека системот за заштита е недоволно развиен, а нема обучен кадар и соодветни програми за работа со деца кои користат дроги – вели Матевска.

Анализата на Народониот правобранител за употребата на психоактивни супстанции, потенцира дека кај младите се бележи благ пораст, а загрижувачки се податоците дека дел од корисниците започнуваат со дроги уште во детска возраст.

„Иако државата располага со стратегии и програми на хартија, системското решение за малолетните зависници – практично не постои“ се вели во извештајот.

Според Европското истражување во училиштата за алкохол и други дроги – ЕСПАД, спроведено во земјава во 1999, 2008, 2015 и 2019 година, младите најчесто користат канабис. Податоците покажуваат постепен раст на употребата кај учениците од 15 до 16 години. Иако ова ниво е пониско од европскиот просек, трендот на зголемување е јасен. Новата ЕСПАД студија од 2024 година е завршена, но извештајот сè уште не е јавно достапен.

Според Извештајот на Народниот правобранител, во периодот јануари 2023 – јуни 2024, Центрите за социјални работи видентирале вкупно 50 деца (46 машки и 4 женски) кои користеле психотропни супстанци. Најмногу случаи се во Скопје и Тетово, а евидентирани се и во Охрид, Гостивар и Свети Николе. Возрасната група е од 14–16 години, а најчесто користени супстанции: марихуана, халуциногени и стимулативни дроги.

Поголемиот дел од случаите (над 90%) се пријавени од страна на МВР, што укажува на реактивен, а не превентивен пристап. Центрите немаат унифицирани протоколи или стандарди за постапување; се потпираат на сопствено искуство. Проактивна идентификација е ретка – дел од центрите соработуваат со училишта, полиција и родители, а во Пробиштип се спроведуваат патролни активности за откривање деца во ризик. Само три центри спроведуваат активности за рехабилитација – советување, психосоцијална поддршка и организирање на слободно време. Недостасуваат специјализирани установи и долгорочни програми за ресоцијализација. Децата најчесто се препраќаат во Клиниката за психијатрија или токсикологија – Скопје. Повеќето општи болници (Куманово, Охрид, Штип, Битола, „8 Септември“ – Скопје, Негорци) немаат евиденција на деца корисници на дроги. ЈЗУ Клиника за детски болести – Скопје: 7 деца третирани во 2023 (вклучувајќи едно под 6 години). ЈЗУ Општа болница – Струмица: 1 дете на возраст 16–18 години. Ниту една здравствена установа нема протоколи, акти или обучен кадар за третман на зависни деца, се вели во извештајот.

-Претставки за деца кои користат дроги и други психотропни супстанции не се поднесени во изминатите две години.
Сепак, за да се процени квалитетот на третман на децата кои користат дроги и други психотропни супстанции во Северна Македонија, во согласност со принципот на најдобар интерес на детето, утврден во Конвенцијата за правата на детето (КПД). Народниот правобранител во рамки на Проектот за поддршка на ЕУ за владеење на правото изработи Анализа за ова прашање, која ги зема предвид клучните фактори како пристапот до здравствена заштита, системите за социјална поддршка и предизвиците со кои се соочуваат овие деца, со цел да се идентификуваат слабостите и да се предложат ефективни решенија. Неспорно, употребата на дроги кај децата во Северна Македонија станува сè позачестен проблем, кој бара итни мерки и интегриран пристап од страна на надлежните институции. Клучно во овој момент е надлежните министерства, пред се, Министерството за здравство и Министерството за социјална политика, демографија и млади заеднички да работат на воспоставување на програми за третман и грижа на децата кои употребуваат дроги – смета м-р Васка Бајрамовска-Мустафа државен советник
Народен правобранител.

Досегашните наоди, вели таа, покажуваат дека системот за превенција, рано откривање, третман и рехабилитација на деца кои користат дроги е недоволно развиен и не обезбедува соодветна поддршка согласно најдобрите меѓународни практики. Недостасуваат специјализирани програми за третман, нема јасни протоколи за нивно лекување, а институционалните капацитети во здравствениот систем и системот на социјална заштита се ограничени.

– Впрочем, овие недостатоци се причина што Комитетот за правата на детето во своите препораки за Северна Македонија потенцира дека државата треба да преземе конкретни мерки за справување со употребата на дроги кај децата. Комитетот препорача државата “Да ја третира зачестеноста на користење на дроги од страна на децата и адолесцентите, меѓу другото, и преку обезбедување информации и едукација за спречување на злоупотреба на супстанции, меѓу кои и тутун и алкохол, и осмислување достапни програми и мерки за лекување на зависности по мерка на младите“- смета м-р Бајрамовска-Мустафа.

Во оваа насока, анализата предлага изработка и примена на посебна програма за третман на зависности од дроги за деца, која ќе вклучува развој на специјализирани здравствени и социјални услуги, отворање на центри за третман и рехабилитација, подобрување на капацитетите на институциите, како и зајакнување на меѓуинституционалната соработка. Резултатите од анализата ќе придонесат за идентификација на клучните недостатоци и ќе послужат како основа за креирање на препораки за унапредување на системот за заштита, рехабилитација и социјална инклузија на оваа ранлива категорија деца.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни