Поранешниот претседател на САД, Барак Обама, и бројни академски институции, вклучувајќи го и Јејл, ја изразија својата поддршка за Универзитетот Харвард откако администрацијата на Доналд Трамп реши да му ускрати 2 милијарди долари федерални грантови на овој елитен универзитет од Масачусетс, откако Харвард го одби, како што го нарече, обидот за „државна регулација“ на универзитетот.
„Харвард постави пример за другите високообразовни институции одбивајќи незаконит и несмасен обид за задушување на академските слободи, додека истовремено презема конкретни чекори за сите студенти на Харвард да можат да имаат корист од средина што негува интелектуална љубопитност, ригорозна дебата и меѓусебна почит“, се вели во изјавата на Барак Обама. „Да се надеваме дека и другите институции ќе го следат овој пример.“
Судирот меѓу некои од најпрестижните американски универзитети и федералната влада се продлабочи во понеделникот вечерта, откако Харвард ги одби дополнителните барања на администрацијата на Доналд Трамп, кои претседателот ги претставува како напори за борба против антисемитизмот на универзитетите, пренесе „Гардијан“.
Сепак, многумина веруваат дека тоа е всушност прикриен обид за пошироко ограничување на академските слободи, под превезот на низа конзервативни цели, вклучително и укинување на расните квоти при упис и „ресетирање“ на она што администрацијата го смета за изразена левичарска пристрасност во академските кругови.
„Ниту една влада, без разлика која партија е на власт, не треба да одредува што можат да предаваат приватните универзитети, кого да примаат и вработуваат, ниту кои области на изучување и истражување можат да ги развиваат“, изјави претседателот на Харвард, Алан Гарбер.
Администрацијата на Доналд Трамп, преку меѓуресорната работна група за борба против антисемитизмот, одговори со замрзнување на повеќегодишни грантови во вредност од 2,2 милијарди долари и повеќегодишни договори вредни 60 милиони долари наменети за Харвард.
Трамп вчера, како што пренесе агенцијата Ројтерс, му се закани на Харвард дека би можел да го изгуби статусот на непрофитна организација и да биде оданочен како политичка организација.
„Можеби Харвард треба да го изгуби својот статус на даночно изземање и да биде оданочен како политичка организација ако продолжи да ја промовира политичката, идеолошка и со тероризам инспирирана/поддржана ‘болест’?“, напиша Трамп на мрежата Truth Social.
Интервенцијата на Барак Обама уследи откако 876 членови на академскиот кадар од Универзитетот Јејл објавија писмо до раководството на универзитетот, изразувајќи поддршка за спротивставувањето на администрацијата на Доналд Трамп.
„Заедно стоиме на раскрсница,“ се вели во писмото. „Американските универзитети се соочуваат со исклучителни напади кои ги загрозуваат темелните принципи на демократското општество, вклучувајќи го правото на слобода на изразување, здружување и академска слобода. Ви пишуваме како едно тело на професори за да ве повикаме да застанете со нас.“
Универзитетите Принстон (Њу Џерси) и Колумбија (Њујорк), каде што во 2024 година се одржаа пропалестински протести, се согласија да ги исполнат барањата на администрацијата на Трамп во врска со начинот на кој ќе се справуваат со таквите демонстрации, академски оддели и антисемитизам – откако добија предупредувања дека може да го изгубат федералното финансирање.
Според „Гардијан“, администрацијата на Трамп досега замрзнала или укинала повеќе од 11 милијарди долари средства за најмалку седум универзитети, како дел од своите напори да стави крај на она што го нарекува „идеолошко заробеништво“. Најмалку 300 студенти, дипломци и докторанти останале без визи и законски имиграциски статус во рамките на новите мерки.