Универзитетот Јеил воведува курс за работата на поп-ѕвездата Бијонсе

Следната година Универзитетот Јеил ќе воведе нов курс во кој студентите ќе ги проучуваат активностите и работата на поп-ѕвездата Бијонсе, пејачка со рекордни 99 номинации за наградата Греми.
Фото: Pete Sekesan from New York, USA, CC BY 2.0, via Wikimedia Commons

Курсот ќе им овозможи на студентите да навлезат подлабоко во „уметничкиот гениј“ на глобалната суперѕвезда, се вели во соопштението на универзитетот и ќе се вика „Бијонсе создава историја: радикална афроамериканска историја, култура, теорија и традиција преку музика“ и ќе започне следната пролет.

Курсот ќе се одржи на Катедрата за хуманитарни науки и уметности, а неговата содржина ќе се фокусира на периодот од нејзиниот албум „Бијонсе“ од 2013 година до овогодинешниот „Каубојски Картер“ и како светски познатата кантавторка крева свест и се ангажира во социјалните и политичките идеологии.

Професорката по афроамерикански студии на Универзитетот Јеил, Дафне Брукс, планира да го искористи обемниот репертоар на пејачката, вклучувајќи снимки од нејзините настапи во живо, како платформа за студентите да учат за афроамериканските интелектуалци како Фредерик Даглас или Тони Морисон.

„Ќе ги сфатиме сериозно начините на кои критичката работа, интелектуалната работа на некои од најголемите мислители во американската култура се поврзани со музиката на Бијонсе и ќе размислуваме за начини кои ќе ни овозможат да ги примениме нивните филозофии на нејзината работа“ рече Брукс.

Брукс изјави за NBC News дека со години работела на дизајнирање на курсот, откако претходно предавала на Универзитетот Принстон на тема „Црни жени и популарна музичка култура“.

И Универзитетот Корнел понуди своја верзија на курсот наречен Бијонсе Нација, кој ја испитува траекторијата на нејзината кариера, како и влијанието врз политичкиот активизам и феминизмот.

И некои други американски универзитети имаат слични курсеви на тема Бијонсе. Меѓу нив се Универзитетот во Тексас во Сан Антонио, Политехничкиот државен универзитет во Калифорнија и Државниот универзитет во Аризона.

Бијонсе, чие полно име е Бијонсе Жизел Ноулс-Картер, не е првиот уметник чии дела и активности се изучуваат на престижни универзитети.

Културното влијание и наследството во поп-културата на други познати музичари, вклучувајќи ги Боб Дилан, Тејлор Свифт и Лејди Гага, исто така се проучуваат на неколку американски универзитети.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни