Велат, кога влегувате во музеј влегувате во историја. И така е. Со само неколку чекори, небитно дали ќе тргнете во лево или во десно, по само неколку искачени скали во Македонскиот народен театар ќе се најдете во минатото, децении назад…
Пред вас е Музејот на МНТ. Како единствен од ваков вид кај нас тој од 2014-та па навака е раскажувач на македонската театарска историја. Помеѓу костимите, реквизитите, па и личните предмети на доајените на театарот ве пречекува енергичната и со желба да ви каже за театарот, Ивана Јарчевска – кустос во театарскиот Музеј на МНТ.
„Можеби најстариот експонат е костимот на, она што ние го велиме добриот дух на МНТ, Петре Прличко. Костимот од претставата „Сомнително лице“ во која го игра насловниот лик. Претставата се игра од 1945 до 1983 или 1984 година“, раскажува Јарчевска додека ја шета екипата на Трн низ музејската поставка.
Музејот е концепиран според највисоките музеолошки стандарди, како постмодерен музеј чија постојана поставка е концепирана како динамична, интерактивна комбинација на реални експонати и дигитални презентации низ кои ќе се раскажуваат оние мали и големи тајни, приказни и вистини за театарот, неговите актери, режисери, драматурзи, сценографи, костимографи…
Кустос Јарчевска посочува и дека голем е бројот на посетители кои како на дневна така и на годишна основа ја посетуваат музејската поставка. Со доза на импресии што токму таа може да ги води посетителите низ времепловот наречен историјата на македонскиот театар, врвејќи покрај најавните плакати за претставите ни рече:
„Во самата збирка имаме плакати кои што се однесуваат на претстави дури од 30-тите години, околу 1930-та… Има плакати кои се однесуваат на тој театар, во тој период кога работи под српска управа, Народно позориште Скопје. Има плакати и фотографии кои што се однесуваат на претстави во тој Народен театар Скопје кој што функционира во времето на Втората светска војна. Потоа има разгледници кои се од дваесетите години на кои може да се види таа прва зграда“.
Музејската збирка содржи оригинални предмети и фотографии кои се сопственост на Музејот, добиени преку донации од личности и откупи од Министерството за култура. Со ваквиот приод се обрнува внимание на важноста на собирачката дејност на автентични музејски предмети. На тој начин се создава драгоцена база на податоци, предмети и фотографии од сите фази на развојот на МНТ, преку кој се следи и развојот на македонскиот театар, неговите најпознати и најзначајни личности, претстави, настани и достигнувања.
Инаку самиот театар е еден склоп на повеќе уметности, во кои можете да уживате со самото гледање на претставата. Да слушнете збор, да видите одредена слика, сценографија, одреден дизајн, да слушнете музика… Можеби токму тој спој на целата таа комбинација и синтеза на различен вид уметности го прави театарот да биде интересен и секогаш атрактивен за публиката.