Еден од девет смртни случај на деца до една година во 2021 година во С. Македонија е поврзан со загадениот воздух, открива ново меѓународно истражување на УНИЦЕФ во Европа и Централна Азија.
Во извештајот наречен „Почетоци без здив: политики за заштита на децата од загадениот воздух во Европа и Централна Азија“, се забележува дека во поголемите градови низ Европа и Централна Азија, загадувањето на воздухот редовно ги надминува безбедните нивоа според СЗО, и станува главен еколошки ризик по здравјето на децата од регионот.
Во Северна Македонија, ризиците од загадениот воздух се особено високи. Имено, во февруари 2024 година, Скопје повторно се најде меѓу првите 10 најзагадени градови во светот, а просечните нивоа на ПМ10 или ПМ2,5 честички ги надминуваат дозволените граници повеќе од 100 дена во годината.
Според извештајот, бебињата и малите деца се најизложени на ризик од смрт и лошо здравје како последица на аерозагадувањето.
„Раната и честа изложеност на загаден воздух – почнувајќи уште од матката – води кон смалување и реструктурирање на белите дробови и го зголемува ризикот од пневмонија, инфекции на горниот респираторен тракт, инфекции на увото, астма и алергии. Дишењето загаден воздух може да предизвика воспаление на мозокот, да го попречи растот и да влијае врз когнитивниот развој, како и на училишниот успех“, стои во соопштението на УНИЦЕФ.
Но, пошироко, освен што аерозагадувањето претставува сериозна причина за смрт кај новороденчињата, тоа одзема повеќе здрави години од животот за кого било во споредба со кој било друг поединечен еколошки фактор, како што се високите температури, нечистата вода и лошите санитарни услови.
УНИЦЕФ апелира до владите и институциите во земјите од регионот – вклучувајќи ја и Северна Македонија – да посветат повеќе внимание и ресурси на борбата со аерозагадувањето, да ги поддржат енергетската ефикасност, пристапот до чиста енергија и подобрувањето на квалитетот на воздухот, и да ги заштитат бремените жени и децата од загаден воздух.