Извршната директорка Кетрин Расел изјави за медиумската група RND дека агенцијата очекува пад од најмалку 20% на глобалното финансирање за хуманитарни и долгорочни програми за деца и семејства. Таа додаде дека, иако УНИЦЕФ се обидува да го искористи секој долар на најефикасен начин, последиците врз децата ќе бидат неизбежни.
Во јули, американскиот државен секретар Марко Рубио официјално го објави крајот на странската помош преку Американската агенција за меѓународен развој (USAID) — една од најголемите хуманитарни организации во светот, која спроведуваше бројни програми, од борба против ХИВ/СИДА до постконфликтна обнова. И Германија, во рамки на мерките за штедење, го намали својот буџет за развојна помош.
Според извештајот на УНИЦЕФ од декември 2024 година, за 2025 година ќе бидат потребни околу 9,9 милијарди долари за итна помош на 109 милиони деца во 146 земји погодени од конфликти и кризи.
Расел предупреди дека намаленото финансирање би можело да доведе до помал број вакцинации, послаба здравствена заштита и прекини во образованието, што, пак, би можело да предизвика дополнителна нестабилност и зголемување на ризикот од конфликти.
Според студија објавена во медицинското списание The Lancet, намалувањето на средствата за USAID би можело да резултира со повеќе од 14 милиони дополнителни смртни случаи во наредните пет години, од кои околу 5 милиони би биле деца под петгодишна возраст.
Извор: Index.hr