Израел постојано ги одбива барањата за префрлање инкубатори од евакуираните болници во северниот дел во јужниот дел на Појасот Газа, каде што новороденчињата сега делат маски за кислород и креветчиња, изјави портпаролот на УНИЦЕФ, Џејмс Елдер.
Според Светската здравствена организација (СЗО), поради војната помеѓу Израел и Хамас, една петтина од бебињата во Појасот Газа се предвремено родени и ненахранети.
Во една од педијатриските соби, имаше три бебиња и три мајки на еден кревет, еден извор на кислород, а мајките менуваа кислород по 20 минути за секое дете. Тоа е нивото на очај со кое се справуваат мајките сега, наведе Елдер.
За време на минатомесечната израелска офанзива врз градот Газа, во северниот дел на Појасот Газа болниците се затворени поради што се пренатрупани болниците во јужниот дел од палестинската енклава.
Според СЗО, само 14 од 36 болници во Појасот Газа се делумно функционални.