Агенцијата на ОН за деца – UNICEF, предвидува дека нејзиниот буџет за 2026 година ќе биде најмалку 20% помал во однос на буџетот од 2024 година, соопшти денеска портпарол на организацијата.
Во 2024 година, UNICEF имаше буџет од 8,9 милијарди долари, додека за 2025 година буџетот е проценет на 8,5 милијарди долари, откако претседателот на САД, Доналд Трамп, ја намали глобалната хуманитарна помош.
„Последниве неколку недели јасно се гледа дека хуманитарните и развојни организации ширум светот – вклучително и многу агенции на ОН – се наоѓаат во глобална финансиска криза. Ни UNICEF не е поштеден“, изјави портпаролот, пренесува Танјуг.
Иако UNICEF не ја спомена САД конкретно, Вашингтон долго време е најголем донатор на агенцијата – во 2024 година донирал над 800 милиони долари, а од основањето на UNICEF во 1946 година, сите извршни директори на агенцијата биле Американци.
„Во овој момент правиме прелиминарни проекции дека нашите финансиски средства во целата организација ќе бидат најмалку за 20% помали во 2026 во однос на 2024 година“, додаде портпаролот.
Тој додаде дека UNICEF веќе вовел мерки за подобрување на ефикасноста и намалување на трошоците, но дека конечни одлуки сè уште не се донесени.
Откако Трамп во јануари се врати на функцијата претседател во својот втор мандат, неговата администрација суштински ја намали странската помош, во обид програмите да бидат усогласени со политиката „Америка на прво место“, јавува Ројтерс.
Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања минатата недела соопшти дека ќе отпушти 20% од вработените, поради буџетски дефицит од 58 милиони долари.
И генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, минатиот месец изјави дека бара начини за подобрување на ефикасноста и намалување на трошоците во рамки на целокупната организација.