Холандија е прогласена за најдобра земја во светот за одгледување деца, покажува најновиот извештај Innocenti на UNICEF. Рангирањето не се темели на економски показатели или инфраструктура, туку на реалните услови во кои растат децата и адолесцентите како и нивното ментално здравје, физичка состојба и развој на вештини.
Како се мери детската благосостојба
Извештајот опфати 43 земји членки на OECD и Европската Унија, кои беа анализирани според три клучни категории: ментално благосостојба, физичко здравје и образовни и социјални вештини кај децата и младите.
Иако УНИЦЕФ нагласува дека простор за подобрување постои во сите земји, како најдобро рангирани се издвојуваат Холандија, Данска и Франција односно држави кои покажуваат стабилни резултати во сите три категории.
Зошто Холандија е на врвот
Холандија особено се истакнува во делот на менталното здравје. Децата пријавуваат пониски нивоа на стрес во споредба со нивните врсници во други земји, а образовниот систем и општеството генерално поттикнуваат рамнотежа помеѓу учењето и слободното време.
Голем дел од тинејџерите изјавуваат дека се задоволни од својот живот, додека државата инвестира во достапни здравствени услуги, квалитетно предучилишно образование и јавни сервиси (библиотеки, спортски и културни содржини) кои создаваат поттикнувачка средина за развој.
Дел од успехот, според експертите, е и културолошки. Авторката Олга Мекинг, која живее во Холандија повеќе од 15 години, посочува дека таму постои силна општествена порака против прекумерниот притисок врз децата.
„Постои изрека: ‘Само биди нормален – тоа е веќе доволно лудо’“, вели таа, објаснувајќи дека ваквиот пристап придонесува за помал стрес и поздраво детство. Воедно, силен акцент се става на дружењето, локалните заедници, клубови и воннаставни активности.
Сепак, таа нагласува дека клучна улога има и системската поддршка. Без силен систем на социјална заштита, ваквиот модел на родителство не би бил можен.
Топ 20 земји за одгледување деца
Топ 20 земји според извештајот се: Холандија, Данска, Франција, Португалија, Ирска, Швајцарија, Шпанија, Хрватска, Италија, Шведска, Унгарија, Австрија, Словенија, Јапонија, Литванија, Романија, Финска, Чешка, Канада и Словачка.
Извештајот на УНИЦЕФ доаѓа во време кога менталното здравје на децата и младите станува сè поважно глобално прашање. Податоците укажуваат дека јавните политики, социјалната заштита и културниот однос кон детството имаат директно влијание врз тоа колку безбедно, здраво и стабилно растат новите генерации.
