УНХЦР за 2026 година има буџет од 8,5 милијарди долари, што е за 1,7 милијарди долари помалку од буџетот за тековната година (10,2 милијарди долари). Поради намалениот буџет УНХЦР планира затворање на канцеларијата во Јужна Африка и да укине речиси 4.000 работни места.
Затворањето на канцеларијата на УНХЦР во Преторија, административниот главен град на Јужна Африка, ќе стапи во сила на 1 октомври, а канцелариите во Источна и Западна Африка ќе ја преземат таа функција. Јужна Африка прими бегалци од Демократска Република Конго и од Мозамбик.
– Веќе го гледаме влијанието на намаленото финансирање врз различни операции. Ако досега дававме парична помош, таа ќе биде намалена. Здравствената заштита е засегната. Образовните програми се засегнати. Помошта во храна е засегната. Затворањето на регионалната канцеларија се сметаше за најдобра опција за намалување на трошоците и одржување на силно присуство на терен, изјави портпаролката на УНХЦР за Јужна Африка, Дунија Аслам Кан.
УНХЦР очекува бројот на присилно раселени лица и лица без државјанство да се искачи на нов глобален рекорд од 136 милиони следната година, во споредба со 129,9 милиони во 2024 година.