Унгарскиот парламент во вторникот изгласа повлекување на земјата од Меѓународниот кривичен суд (МКС), соопшти министерот за надворешни работи Петер Сијарто, пренесува Anadolu.
„Со оваа одлука одбиваме да бидеме дел од политизирана институција која ја изгуби непристрасноста и кредибилитетот“, напиша Сијарто на платформата X.
Унгарија на 3 април ја најави својата намера да се повлече од МКС, веднаш по доаѓањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху во четиридневна посета на Будимпешта.
Против Нетанјаху Меѓународниот кривичен суд има издаден налог за апсење поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Појасот Газа, каде од октомври 2023 година се убиени повеќе од 50.500 луѓе. Неговата посета на Унгарија беше прва на европско тло откако е издаден меѓународниот налог за апсење.
Организациите за човекови права, вклучувајќи Amnesty International и Human Rights Watch, ја повикаа Унгарија да го уапси Нетанјаху и да го екстрадира во МКС, но унгарските власти не одговорија на тие повици.
Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата (ICJ) поради војната во Газа.
Во вторникот, Јужноафриканската Република пред ICJ изјави дека Израел ја користи гладта како оружје против Палестинците, прекршувајќи го меѓународното право.
Институциите во Газа наведуваат дека најмалку 65 проценти од убиените Палестинци во израелската воена офанзива се жени, деца и постари лица.