Европскиот комесар за човекови права ја осуди одлуката на Унгарија за гонење наставник поради организација на Парада на гордоста

Мајкл О’Флаерти ја осуди одлуката на унгарските власти да гонат наставник и активист поради организација на Парада на гордоста во Печуј.

Европскиот комесар за човекови права, Мајкл О’Флаерти, изрази сериозна загриженост поради одлуката на унгарските власти да покренат кривична постапка против наставник од Печуј, кој бил организатор на Парадата на гордоста во тој град.

Станува збор за Геже Бузаc-Хабел, млад наставник и активист, кој се соочува со можност за затворска казна поради организирање мирен марш за човекови права и еднаквост во октомври 2025 година. Според комесарот, користењето на правото на мирно собирање претставува една од темелните слободи во секоја демократска држава и не смее да биде предмет на кривично гонење.

О’Флаерти посочи дека овој случај не е изолиран. Минатиот месец беа поднесени обвиненија и против градоначалникот на Будимпешта, Гергeљ Карачоњ, исто така поради организација на Парада на гордоста во главниот град во 2025 година. Според него, овие постапки укажуваат на загрижувачки тренд на ограничување на граѓанските слободи.

Комесарот потсети дека унгарските власти во март и април 2025 година усвоија уставни и законски измени со кои се забрануваат настани што промовираат ЛГБТИ еднаквост. Овие измени беа предложени од владејачката партија Фидес, предводена од премиерот Виктор Орбан, кој ги оправда законите како мерки за заштита на децата.

О’Флаерти ги повика унгарските власти да се откажат од обвиненијата против активистите и да престанат со употреба на кривични и административни мерки кои го обесхрабруваат правото на мирно собирање. Тој нагласи дека е неопходно да се ревидираат или укинат законите што доведуваат до ограничување на граѓанскиот простор и до стигматизација на бранителите на човековите права.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни