УНФПА: Расте на смртноста кај мајките во Авганистан поради прекин на американската помош

Претставникот на Агенцијата на ОН за сексуално и репродуктивно здравје (УНФПА), Пио Смит, денеска предупреди дека повеќе од девет милиони Авганистанци ќе останат без пристап до здравствените услуги поради американскиот прекин во финансирањето на оваа органзиација.

Британските медиуми наведуваат дека покрај тоа, околу 1,2 милиона авганистански бегалци во Пакистан ќе останат без пристап до здравствена заштита, а доколку САД не продолжат со финансирање на УНФПА, околу 1.000 мајки во Авганистан би можеле да умрат во следните три години.

-Што се случува кога нашата работа не е финансирана? Жените раѓаат сами, во нехигиенски услови. Новороденчињата умираат од причини што може да се спречат. Ако само го земам примерот со Авганистан, меѓу 2025 и 2028 година проценуваме дека отсуството на поддршка од САД ќе доведе до дополнителни 1.200 смртни случаи на мајки и 109.000 дополнителни несакани бремености, изјави Смит во Женева.

Тој истакна дека Авганистан има една од највисоките стапки на смртност на мајки во светот, а на секои два часа по една мајка умира од компликации од бременоста што може да се спречат.

Рива Ескинази, директорка за односи со донатори во Меѓународната федерација за планирано родителство ИППФ (IPPF), изјави дека ова тело, исто така, ќе мора да го запре планирањето на услугите за сексуално и репродуктивно здравје во Западна Африка.

-Можеме да предвидиме зголемување на несаканите бремености и смртни случаи на мајки. Ќе има проблеми во испраќањето на контрацептивни средства за нашите членки. Тоа е поразително, рече таа.

ИППФ, федерација на национални организации што се залага за сексуално и репродуктивно здравје, пресмета дека во текот на следните четири години ќе мора да се откаже од најмалку 61 милион долари од американското финансирање во 13 земји, од кои повеќето се во Африка.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатиот месец нареди 90-дневна пауза на странската развојна помош и го обнови учеството на САД во меѓународните договори против абортусот, прекинувајќи го американското финансирање за планирање семејство на странски организации кои обезбедуваат или промовираат абортус.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни