УНЕСКО со официјална препорака: Долината Вјоса да стане биосферен резерват

УНЕСКО даде официјална препорака за прогласување на долината Вјоса за биосферен резерват. 

Информацијата ја соопшти министерката за туризам Мирела Кумбаро, според која оваа препорака дошла по интензивна работа не само од институцијата со која раководи, туку и од Националната агенција за заштитени подрачја и специјалисти.

Министерката додава дека во септември се очекува конечно одобрување од Советот за биосферни резерви на УНЕСКО за вклучување на Вјоса во списокот на светско наследство.

„УНЕСКО даде официјална препорака долината Вјоса да се прогласи за биосферен резерват. Тоа е повеќе од меѓународно признание – тоа е признание за дивата убавина на Вјоса, кое доаѓа по многу интензивна работа на Министерството за туризам и животна средина и Националната агенција за заштитени подрачја, од првата посета на генералниот директор на УНЕСКО Одри Азула на Вјоса во февруари 2023 година, до неуморната работа на специјалисти од заштитените подрачја кои посветено и професионализам го следеа секој чекор. Во септември годинава конечното одобрување од Советот за биосферни резерви на УНЕСКО за „вклучување на Вјоса во листата на светско наследство како химна на природата и луѓето“, напиша Кумбаро на Фејсбук.

Информацијата ја објави и премиерот Еди Рама наведувајќи дека истата го исполнила со емоции и гордост.

Албанија во септември минатата година го достави до УНЕСКО барањето за вклучување на Националниот парк река „Вјоса“ во светските природни ресурси во програмата „Човекот и биосферата“.

Реката Вјоса, позната како една од последните диви реки во Европа, беше прогласена за „Национален парк“ од албанската влада во март 2023 по неколкугодишни напори на албанските и меѓународните еколошки организации да ја заштитат оваа река од изградбата на хидроенергетски брани.

Реката Вјоса е меѓу најголемите реки во Албанија, особено во однос на бројните водни текови.

Во должина од 272 километри, Вјоса тече од планините Пиндис во Грција,  ја минува албанската територија и се влева во Јадранско Море.

Во северниот дел реката Вјоса и понатаму е загрозена од градбите за масовен туризам.

Околу 40 албански и странски натуралисти, меѓу кои и познатиот актер Леонардо ди Каприо, побараа од албанската влада пред три години да ја вклучи делтата на реката Вјоса во Националниот парк Вјоса и да ја стопира визијата за проекти за масовен туризам. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни