УНЕСКО го одложи впишувањето на Охридскиот регион на Листата на загрозени светски наследства

На оваа одлука реагираа и 40 невладини организации кои сметаат дека оваа шанса мора да се искористи за напредок, а не за дополнително девастирање на Охридскиот регион

Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на денешната 47. сесија што се одржува во Париз донесе одлука со која на Република Македонија и на Република Албанија им се даде дополнително една година за спроведување корективни мерки, односно временска рамка за имплементација на активностите за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. 

Сега, властите добија нови услови – до 1 февруари 2026 година да достават извештај за преземените мерки за заштита. Амандманот беше поднесен од македонската делегација која побара повлекување на Нацрт-одлука со која јасно предлагаше впишување на регионот како загрозен.

Претходно, од страна на УНЕСКО беше објавена Нацрт-одлука со која се препорачуваше впишување на Листата, поради сериозната деградација на природните и културните вредности во регионот.

Во документот. УНЕСКО бараше земјава итно да ја зајакне заштитата на Студенчишко Блато, да ги стопира сите тековни и планирани градежни активности во неговата околина, вклучително и кај хотелскиот комплекс „Горица“ и да го ревидира предлог-законот за прогласување на блатото за Парк на природата.

На оваа одлука реагираа и 40 невладини организации кои сметаат дека оваа шанса мора да се искористи за напредок, а не за дополнително девастирање на Охридскиот регион.

„Бараме од Северна Македонија и Албанија овој пат да ја третираат подарената шанса со одговорност, итно и без одлагање да ги стопираат, откажат и одвратат сите тековни и сеуште нереализирани деструктивни проекти, и да покажат вистинска посветеност кон реставрација на Исклучителните универзални вредности на Охридскиот Регион. Ужаснати сме од одлуката, но ќе продолжиме да се бориме за зачувување на Охридскиот Регион“ се вели во реакцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни