Старото училиште „Св. Сава“ во Охрид се распаѓа – под УНЕСКО, a без заштита

Охрид SOS предупредува дека објектот „Св. Сава“ од 19 век, дел од УНЕСКО наследството, е во лоша состојба и може да се сруши без итна реакција.

Објектот познат како старото училиште „Св. Сава“ во Охрид, кој е дел од културното наследство на регионот под заштита на УНЕСКО, е во сериозна фаза на распаѓање и постои реална опасност од негово уривање.

Од граѓанската иницијатива Охрид SOS информираат дека пред три недели се обратиле до градежното претпријатие ГП „Гранит“, кое е сопственик на објектот, барајќи информации за неговата состојба и плановите за санација.

Станува збор за архитектонски објект од крајот на 19 век, лоциран на улицата „Нада Филева“, кој е впишан како културно добро од особено значење. И покрај тоа, објектот со години е оставен без одржување и е изложен на забрзана деградација.

Од Охрид SOS посочуваат дека е парадоксално што токму едно од најголемите градежни претпријатија во земјава, со долгогодишно искуство и ресурси, не презема конкретни чекори за заштита на ваков значаен објект во старото градско јадро.

Тие потсетуваат дека статусот на културно добро не е само формалност, туку носи и законска и општествена одговорност. Објектот е дел од заштитеното подрачје на Охридскиот регион, кој е впишан на Листата на светско наследство на УНЕСКО.

Според нивните информации, состојбата на терен е алармантна: делови од подот веќе се срушени, меѓукатната конструкција е уништена, фасадата пропаѓа, а објектот е обраснат со вегетација.

Охрид SOS бара од сопственикот итно да преземе мерки за реконструкција и реставрација, со цел да се зачува автентичниот изглед на објектот и да се спречи негово целосно уништување.

Покрај сопственикот, тие ја отвораат и одговорноста на институциите. Со години, како што велат, надлежните – Заводот за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид, како и Управата за заштита на културното наследство – не презеле конкретни чекори за заштита на објектот.

Законот јасно предвидува дека институциите имаат обврска да преземаат заштитно-конзерваторски мерки, но во пракса тие често изостануваат.

Проблемот, според активистите, е поширок и системски. Наместо навремена заштита, со години се дозволува објектите да пропаѓаат, за подоцна да се обновуваат како „факсимили“, со што се губи нивната автентичност.

Во меѓувреме, урбанистичките планови за старото градско јадро сè уште не се донесени, иако требало да бидат изготвени пред повеќе од една деценија. Тоа, според нив, довело до неповратно губење на десетици вредни објекти и појава на несоодветна градба во заштитеното подрачје.

Активистите предупредуваат дека ако не се преземат итни мерки, Охрид може да изгуби уште едно значајно парче од своето културно наследство.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни