УНДП преместува речиси 400 вработени од Њујорк

Одлуката доаѓа по значителното намалување на американското финансирање, а Бон и Мадрид треба да станат нови клучни центри на агенцијата на ОН.

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) ќе премести речиси 400 вработени од своето седиште во Њујорк во Германија и Шпанија, соопшти организацијата, откако Соединетите Американски Држави го намалија финансирањето.

Од УНДП наведуваат дека преместувањето е дел од „континуиран напор за приспособување кон променливото финансиско и развојно опкружување, зајакнување на партнерствата и максимизирање на способноста на организацијата да им помогне на најранливите луѓе во светот“.

Германија и Шпанија како нови центри

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека процесот на преместување, кој ќе се одвива во период од две години, претставува израз на доверба во германската дипломатија, во време кога „системот на Обединетите нации и мултилатералните принципи се под силен притисок“.

Според планот, околу 300 вработени ќе бидат преместени во Бон, а околу 100 во Мадрид. УНДП појасни дека ова претставува „значаен дел од работните места“ кои во моментов се лоцирани во седиштето на агенцијата во Њујорк.

Германската влада соопшти дека во Бон веќе функционираат 27 институции на Обединети нации, со околу 1.200 вработени.

Намалено американско финансирање

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата година ја намали странската развојна помош на САД за повеќе од 80 проценти, како дел од поширока реформа на федералната влада, предводена од милијардерот Илон Маск.

Намалувањето на средствата има директни последици врз работата и структурата на меѓународните организации, при што УНДП е една од првите агенции што презеде конкретни чекори за реорганизација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни