Со Кемал Сулејманов, од движењето „Аваја“ разговаравме за состојбата на ромската заедница во земјава. За позитивните процеси кои случуваат изминативе години во делот на унапредувања на нивните права, но и за очекувањата и механизмите како да се подобри состојбата на Ромите во сите сфери на општествениот и политички живот во земјава. Образованието, вели Сулејманов преставува процес на промена на личноста, а секоја личност смета тој, учи различни содржини зависно од возраста
Трн: Изминативе години започнаа нови иницијатви за подобрување на состојбата на Ромите, нови програми за стипендии, се направи нова Стратегија за Инклузија на Ромите 2020- 20230, а голем проблем беше решен и со Законот за лични документи кој овозможи многу лица токму од Ромска националност и по 20 и повеќе години да дојдат до документи. Што би оцениле како најзнален чекор?
Кемал: Законот за лична документација и овозможи не само на ромската заедница, туку и на другите заедници во државата да го искористат ова право. Се сеќавате сигурно и нема да ги заборавиме нашите браќа Мемет Камбер и Тони Сали кои поради немање на лична документација беа оставени на бирократско „убиство“ затоа што немаа здравствени книшка и други потребни документи. Поради се ова можам да кажам дека законот го олесни процесот за лицата без документи да имаат пристап до нај едноставените човекови права во државата.
Трн: Кои се најголемите предизвици за Ромите денес? Добра здравствена заштита, образование, инклузија, вработување?
Кемал: Во однос на добрата здравствена заштита, Законот за здравствена заштита во Член 3, став 1 вика дека секој има право на здравствена заштита и обврска да се грижи и да го чува и унапредува своето здравје, но за жал кога разговараме за Ромите законот не важи. Замислете 21век, 2024 година, а Ромите се соочуваат со тоа да немаат матичен лекар и гинеколог. Дури и нај едноставните работи за Ромите се далеку од возможни.
Исто така невработеноста на Ромите е историски проблем во државата. Ромите процентуално не се застапени во државните институции и потребно е идната влада да даде приоритет на правичната застапеност во државните и локални институции. Исто така мора да најде и да се развие програма за Роми и Ромки кои не се биле дел од образовниот процес, за да бидат работно ангаржирани во државни, странски или приватни фирми во државата. Ромите се најмлада популација во државата, а ние увезуваме работници од други држави. Мораме да најдеме алтернативен начин како може нашата работна сила да биде 100% искористена или да земеме примери за тоа од други Европските држави.
Трн: Достапноста до високо образование исто така е ограничена. Многу малку Роми, особено жени завршуваат високо образование?
Кемал: Образованието преставува процес на промена на личноста. Секоја личност учи различни содржини зависно од возраста. Во последните години единствено унапредување на Ромите е можно е токму преку образованието. Не се сложувам дека баш жените Ромки не завршуваат високо образование, можно е дека не е во задоволителна бројка, но можеме да имаме посебен дел каде што можеме да зборуваме за жената Ромка и успесите на жената ромка.
Tрн: Фондацијата Отворено општество неодамна одвои 100 милиони евра за поддршка на Ромите. Очекувате ли дека со овие средства се можни промени? Дали се доволни за да иницираат промени кои ќе донесат подобар статус за ромите?
Кемал: Само да биде јасно дека тие 100 милиони евра ќе бидат наменети за зајакнување и развој на ромските заедници во Европа, со тоа што Фондацијата отворено општество ќе финансира четири водечки иницијативи кои се предводени од Роми: Европскиот ромски институт за уметност и култура, Иницијативата за развој на ромското претприемништво, Ромите за демократија и Ромскиот образовен фонд. Секако дека не се доволни овие средства, затоа што ние не можеме да ги замениме државите и владите и ни требаат повеќе ресурси да се резервираат токму за ромската заедница.
Tрн: На настанот во Македонската Филхармонија беше пратена пораката да се зајакне гласот на Ромите во делот на политичкото учество и политичките права. На кој начин тоа ќе го направите?
Кемал: Ромската заедницата секогаш била искористена, дискриминирана и манипулирана од поголемите политички партии и време е да се подигнеме, да креираме заеднички цели, почнувајќи од политичко учество, политичка едукација па се до политичка репрезентација. Мораме заеднички да се соединиме, почнувајќи од директни средби со заедницата на локално ниво, посета на сите населби или доколку во некоја општина има само еден Ром, ние ќе пробаме да бидеме до него и со тоа ќе има шанса и тој да придонесува, ќе има шанса да се вклучи и заедно да направиме промено во општеството.
Tрн: Која е визијата и кои се приоритетите во политиката кои треба да ја подобрат состојбата на Ромите во земјава?
Кемал: Кога се враќаме назад четири години можеме да видиме дека Ромите го имаат изгубено нај важниот дел во владиниот состав и тоа министерското место без ресор. Доколку идната влада се фокусира на подобрување на состојбата на Ромите во државата, мора да ги почитува стратешките документи кои се наменети за Ромите во државата, како што е Стратегијата за инклузија на Ромите 2022-2030. Исто така идната влада треба да даде приоритет во новиот владин состав да има Роми, во првиот, вториот и во третиот ешалон. Да има Роми кои ќе бидат назначени како министри, заменик министри и директори. Единствено на тој начин идната влада може да покаже дека дава приоритет за подобрување на состојбата на Ромите во државата.
Tрн: Што очекувате од престојните парламентарни избори? Какви промени треба да донесат за ромската политичка сцена?
Кемал: Претстојните парламентарни избори претставуваат историска шанса за ромската заедница. Како и секогаш и на овие парламентарни избори Ромите ќе одлучат која политичка партија ќе биде на власт следните четири години, но потребно е поголемите политички партии да престанат со манипулации и притисоци, да ги ослободат Ромите за сами да донесат одлука за која политичка партија ќе гласаат.
Историска шанса за Ромите е на овие парламентарни избори како заедница да се фокусираме на заеднички пристап, да се фокусираме на заеднички придонес и да добиеме шанса да имаме минимум двајца парламeнтарци и да успееме да добиеме места во првиот, вториот и во третиот ешалон на власта. Моите очекувања се ромската заедница да учествуваат на изборите, и со 100% излезеност да гласаат за таа политичка партија која ќе нуди повеќе решение за проблемите кои не се решени со години, мејнстрим политичките партии да имаат посебен дел за Ромите во нивните програми за парламентарните избори 2024 година. Да имаме избори без манипулации, без притисоци, фер и демократски. За нас како заедница потребна е нова политичка партија со јасни цели и визија која на Ромите ќе им понуди подобрар живот.
Во Северна Македонија, треба да имаме стабилна политичка моќ и да имаме стратешки политички пристап. Потребно е нова сила која што ќе повика на заедништво, сила која што ќе поттикнува на стратешки соработки и нова сила која ќе креира нова политика за Ромите. Потребно е млади кои ќе се вложат за нашиот колективен напредок, наместо потценување, притисоци, манипулации, и политика на поделби. Да имаме млади кои ќе практикуваат политика водена со моќта на нашите идеи за конкретни промени, наместо политика на лични интереси ќе практикуваме политика на колективни интереси.