Долгото гледање во компјутер, телефон или таблет често завршува со замаглен вид, тежина во очите, сувост и чувство на замор. Можете да направите едноставна вежба што трае само 15 секунди и може да помогне во моментите кога очите веќе почнуваат да се напрегаат.
Трикот е едноставен: палецот се држи блиску пред очите, погледот кратко се фокусира на него, а потоа се префрла кон подалечен предмет. Со оваа промена на фокусот се активираат цилијарните мускули во окото, кои се задолжени за приспособување на видот на блиску и далеку. Кога со часови гледаме во екран, тие мускули остануваат во ист режим и побрзо се заморуваат.
Според експертите, многумина чувствуваат олеснување речиси веднаш, затоа што очите накратко излегуваат од едноличниот напор. Тоа не е чудотворен лек, туку кратко „ресетирање“ на фокусот. Токму затоа ваквите микропаузи се корисни, особено ако работниот ден се сведува на повеќечасовно гледање во монитор.
Но оваа вежба има најмногу смисла ако е дел од поширока рутина за заштита на очите. Американската академија за офталмологија ја препорачува познатата 20-20-20 метода: на секои 20 минути, 20 секунди гледајте во нешто оддалечено околу 20 стапки, односно околу 6 метри. експертите дополнително советуваат и почесто трепкање, добра осветленост, правилна поставеност на екранот и, по потреба, вештачки солзи ако сувоста е изразена.
Ова е важно затоа што дигиталниот замор на очите веќе не е исклучок, туку секојдневие. Кај дел од луѓето се јавуваат и главоболка, печење, заматен вид и тешкотии со фокусирање, особено по долг работен ден. Ако симптомите се чести или не поминуваат со одмор, тоа веќе е знак дека не треба да се остане само на интернет совети, туку да се побара стручен преглед.