Уметноста на летањето

Поврзување на личното и политичкото

,,Уметноста на летањето”  е името на прекрасниот графички роман што го уживав викендов и не смее да се пропушти, во издание на ,,Бункер”, а во превод на Јасмина Никуљски. Случајно ми дојде во рака преку блиски другари и секојдневните разговори за филмови, политика, книжевност и случувањата во градов, немајќи идеја што всушност земам во рака и како ќе ме тресне од земја од повеќе причини.

Дуото Алтариба и Ким го направиле во суштина еден од најважните графички романи во Шпанија, а се споредува и со најдобрите европски дела од овој вид според критиката. Одличен за љубителите на историјата и шпанската култура, особено на контекстот пред и за време на владеењето на еден од најголемите европски диктатори Франко, левичарските идеали и борбата за слобода, наспроти режимското угнетување и темнина во која Шпанија влегува на долг рок во 20 век. ,,Уметноста на летањето” е приказна за траумата и меморијата, за истрајноста на идеалите, но и за тивката болка која останува кога ќе се види сегашноста. Наратив кој засекогаш го врзува личното и политичкото, од кое не може да избега ниту главниот протагонист Антонио Алтариба кој фантастично ги прегрнува сликата и зборот за да создаде една грандиозна претстава во главата на читателот кој не може да одлучи што го трогнува повеќе : зборовната или визуелната претстава.

Уметноста на летањето има суштински перспективи преку кои секој читател ќе го следи животот на главниот лик токму од неговиот крај. Навраќањето наназад не само што е комплексно и емотивно, туку и длабоко сериозно и исполнето со гнев прелеан со идеалите на овој човек за едно слободно општество водено од идеите за правда и еднаквост. Вие не следите само приказна, вие се навраќате наназад кон животот на таткото на авторот на ова дело и истовремено ја истражувате таа комплексна врска на родителот и синот, она што можело да биде и не се случило, во претежок период за Европа воопшто. Вие не читате само уште еден продукт, вие имате пример како во уметничка смисла фантастично функционира поврзувањето на личното и политичкото и колку е тешко тие да се одвојат токму преку вакви приказни кои се следат. Јас немам подобар аргумент во моментов од ова, мислејќи на протагонистот, мислејќи за негова одлука да го следи својот етички кодекс во најтешките времиња за земјата и воопшто за историјата која подоцна ќе остане да се раскаже преку вакви форми.

Ако сакате да искусите нешто моќно и сериозно истовремено и преку текстот и преку визуелниот дел, оваа графичка новела е многу добар избор, особено кога сите си бараме поддршка преку уметноста која ја конзумираме и работите што се случуваат околу нас. Приказната на Алтариба и Ким е толку добро раскажана, што навистина го треснува читателот од земја. Зголемена емпатија и интерес за политичкиот контекст во 20 век на Шпанија се ефектите кои веднаш се јавуваат после читањето, што истовремено е одлична мотивација за откривање на ова поле од издаваштвото кај нас и важните дела што имаме среќа да се преведени на македонски јазик.

,,Уметноста на летањето” е метафора за борбата за нашите идеали, слободата и правдата, но и за темните моменти кога таа запира. Имам чувство дека синот на Антонио Алтариба, кој го носи истото име и презиме и е авторот кој ги раскажа овие делови од неговиот живот, сака да нè потсети дека жедта за подобар свет никогаш не запира, дека постојат толку прозорци кои мораме да ги отвориме.  Имам чувство дека затоа оваа графичка новела ни е потребна и нас, нејзините уморни читатели кои во искуствата на минатото бараме надеж за продолжувањето напред. Добро е и важно во уметноста да ја бараме таа надеж за одењето напред.

Авторката е културна работничка

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни